Многумина чуваат моторно масло во гаража со месеци, па и со години, но и оваа течност нема бесконечен век. Иако запечатеното масло најчесто може да остане стабилно неколку години, експертите предупредуваат дека типот на масло, условите на складирање и тоа дали шишето е отворено играат клучна улога за неговиот квалитет и безбедна употреба.
Во гаражите често стојат резервни канти моторно масло купени на акција или чувани „за секој случај“. Но, иако не станува збор за производ што се расипува преку ноќ, моторното масло сепак старее. Вообичаениот рок најчесто се движи меѓу три и пет години, зависно од тоа дали маслото е синтетичко, полусинтетичко или минерално, како и од составот на адитивите.
Колку долго трае запечатено масло
Тука нема едно универзално правило. Motul наведува дека правилно складирано и запечатено моторно масло најчесто може да трае до пет години. TotalEnergies, пак, вели дека маслото останува стабилно подолго време ако е чувано во оригинално, неотворено пакување на умерена температура, но препорачува неговите својства да се сметаат за најдобри во период до околу две, односно две до три години. Valvoline оди чекор подалеку и наведува дека нивните моторни масла немаат документиран рок на истекување, ако се чувани во оптимални услови.
Практично, тоа значи дека повеќето извори се согласуваат за едно – добро складирано, запечатено масло може да стои со години, но производителот и датумот на пакувањето секогаш треба да се проверат пред употреба. Ако има недоумица, најсигурно е да се следи препораката на брендот чие масло е купено.
Што се менува откако ќе се отвори
Отвореното масло има пократок „живот“. По отворање е препорачливо да се употреби во рок од околу шест месеци. Motul, наведува дека отвореното масло идеално треба да се искористи во рок до 12 месеци, бидејќи изложеноста на воздух и влага постепено може да влијае врз неговата стабилност.
Затоа, ако шишето е веќе отворено, не треба да се чува со години „за секој случај“. Особено ако било оставено во гаража со големи температурни разлики, влага или слабо затворено капаче. Во таков случај ризикот е поголем, дури и ако формално не поминале многу месеци.

Како правилно да се чува
Најважно е маслото да стои во оригиналното пакување, добро затворено, на суво место и на умерена температура. TotalEnergies нагласува дека под добри услови, лубрикантите може да стојат на полица до пет години, а Motul додава дека проблемите најчесто почнуваат кога маслото е изложено на топлина, влага, нечистотија или големи температурни осцилации.
Во превод, гаража што летно време се прегрева, а зиме е премногу студена, не е идеално место. Уште полошо е ако кантата стои на сонце, близу извор на топлина или ако е делумно отворена. Таквите услови можат да ја забрзаат оксидацијата и распаѓањето на адитивите.
Како да препознаете дека маслото веќе не е добро
Ако на дното има наслаги, ако течноста изгледа невообичаено матно, ако има променет мирис или конзистенција, не треба да се користи. TotalEnergies изрично предупредува дека талог на дното е знак дека маслото повеќе не е во идеална состојба и дека таквите наслаги не се „поправаат“ само со тресење на пакувањето.
Исто така, старото, но неупотребено масло не треба автоматски да се меша со ново само за да „не се фрли“. Ако има дилема околу состојбата, поевтино е да се замени отколку да се ризикува со несоодветно подмачкување на моторот. Motul токму тоа го порачува – кога постои сомнеж, подобро е маслото да се замени отколку да се ризикува поскап дефект.
Што е најпаметно да направите
Ако маслото е запечатено, добро чувано и не е премногу старо, големи се шансите дека е и натаму употребливо. Но ако е отворено подолго време, ако стоело во лоши услови или ако има видливи промени, не вреди ризикот. Најдобар пристап е да се провери датумот на пакувањето, препораката од производителот и општата состојба на маслото пред да заврши во моторот.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.









