Додека вие возите: Крис ќе пишува пораки и одговара на повици (+Видео)

ОБЈАВЕНО НА:

Подгответе се за Крис. До крајот на 2017 година на пазарите низ Европа пристигнува дигиталниот совозач, мал уред со вештачка интелигенција којшто ќе одговара на телефонските повици и пораки додека возите.

Производителот, German Autolabs очекува голем успех со уредот, зашто Крис овозможува да комуницирате преку мобилниот и при тоа рацете и погледот да не ги одвоите од воланот и патот.

Според основниот концепт, Крис се поврзува со паметната мобилка и ја користи за комуникација, забава и навигација, и сето тоа е хандс фри. При тоа, замислата на German Autolabs е да се воспостави интеракција меѓу возачот и дигиталниот совозач, кој умее да ги прочита и гестикулациите од ликот на возачот, како и да ги разбере и одговори на гласовните команди.

На пример, возачот може да ја намали или попушти музиката во возилото со само со давање сигнал со подигање на раката.

„Додека автопроизводителите како Tesla, Lexus, Audi и BMW се тркаат во следните неколку години да произведат конектирани возила, потребата од уреди со вештачка интелигенција и сега брзо расте. Возачите и патниците не треба да чекаат за да ја користат оваа технологија, тие уште сега можат да ги добијат овие уреди со вештачка интелигенција, и тоа по ниски цени и со ниски трошоци за инталација. Крис работи во секој автомобил, незвисно од тоа колку е стар и каков модел е“, вели главниот извршен директор на German Autolabs Холдер Вајз.

Според Вајз уредот обезбедува поголема безбедност додека возите, а според официјални статистики само во Германија бројот на сообраќајни незсреќи предизвикани поради користење на мобилен телефон се движи околу 400.000. Всушност користењето на мобилниот телефон додека управувате со возило го зголемува ризикот од сообраќајка за 4 пати.

Уредот може да се прикачи на предното стакло или на инструмент таблата. Опремен е со екран во боја на кој може да се испишат пораките и статусите, а при тоа ќе ви ја прочита пораката и ќе ја напише и испрати и порака која ќе му ја издиктирате.

На стендбај, батеријата трае една недела, или континуирано може да работи еден час. Има и USB приклучок преку кој може да боде приклучен на полнење и додека работи. Навигацијата, пак, може да работи и кога е поврзан со мобилката и кога не е поврзан.

Според German Autolabs до декември годинава Крис веќе ќе се најде на продажните полици, и тоа по цена од околу 300 долари, а на промотивните продажни кампањи ќе се продава со попуст од 40 отсто.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK