Само неколку денови траеја нарачките за новиот Suzuki Jimny, и истите се веќе прекинати. Моделот Jimny Nomade со четири врати на Suzuki стана таков хит во Јапонија што производителот на автомобили мораше да ги прекине нарачките за нови автомобили.
Само четири дена по лансирањето на јапонскиот пазар, Nomade собра неверојатни 50.000 нарачки – бројка што го надминува сегашниот производствен капацитет на Suzuki од само 1.200 единици месечно за домашниот пазар. Тоа значи дека листата на чекање може да трае повеќе од три години.
Во соопштението на својата веб-страница, Suzuki им се извини на потенцијалните купувачи, признавајќи го замрзнувањето на нарачките и изразувајќи благодарност за огромниот интерес. Тие објаснија дека побарувачката значително ги надминала нивните капацитети за производство на автомобилот и ветија дека ќе обезбедат ажурирани информации за тоа кога нарачките ќе се отворат повторно, истовремено нагласувајќи ја нивната посветеност да ги исполнуваат постоечките нарачки што е можно побрзо.
Првите испораки во Јапонија се закажани за 3 април. Како дополнителен знак на популарноста на Nomade, Suzuki исто така ги откажа сите планирани јавни настапи на автомобилот во Јапонија.
Привлечноста на Nomade најверојатно е вкоренета во неговата зголемена практичност. Продолженото меѓуоскино растојание и дополнителните врати го прават овој минијатурен теренец значително попријатен за користење, без да ја жртвува неговата иконска робусност.
Произведен во фабриката на Suzuki во Гуруграм, Индија, Jimny Nomade не е само понуда за јапонскиот пазар. Наменет е и за изложбените салони во Југоисточна Азија, Јужна Африка, Латинска Америка и Блискиот Исток. Додека Suzuki мака мачи да ги исполни тековните нарачки, се уште нема официјални информации кога ќе почне да прима нови резервации.

Следете не и на:

