Наместо камера, парична казна или лежечки полицаец, два американски града користат семафори што ги наградуваат возачите кои го почитуваат ограничувањето. Ако автомобилот се движи пребрзо, семафорот намерно останува црвен.
Албукерки во Ново Мексико и Портланд во Орегон тестираат унапредена верзија на системот познат како „rest in red“.
Кога нема сообраќај, светлото на семафорот останува црвено. Сензорите го препознаваат возилото што се приближува и ја мерат неговата брзина.
Ако возачот се движи во рамките на ограничувањето, системот порано го вклучува зеленото светло. Тој може да продолжи без целосно запирање или со многу кратко чекање.
Возачот што се движи пребрзо пристигнува на црвено и мора да застане. На тој начин брзото возење не му носи временска предност.
Целта не е наплата на казни, туку создавање навика возачите да ја намалат брзината.
Во Портланд, на делницата каде што бил тестиран системот, просечната брзина во ноќните часови се намалила од околу 63 на 48 км/ч. Тоа одговара на поставеното ограничување.
Албукерки го користи системот на две паралелни градски сообраќајници кои со години биле проблематични поради брзото возење.
Градските власти тврдат дека по воведувањето на системот се намалиле несреќите и повредите. Жителите забележале и помала бучава, бидејќи возачите поретко забрзуваат меѓу две раскрсници.
Технологијата не е целосно нова. Семафори кои остануваат црвени додека не се појави возило постојат со години. Новината е во тоа што зеленото светло се активира порано само за оние што го почитуваат ограничувањето.
Би функционирал ли системот во Скопје?
Ваквите семафори би можеле да се користат во близина на училишта, градинки, станбени населби и улици на кои возачите редовно ја надминуваат дозволената брзина.
За разлика од лежечките полицајци, системот не ги забавува возилата на итната помош, автобусите или внимателните возачи. Не создава дополнителни удари врз автомобилите и не ја зголемува бучавата од сопирање и забрзување.
Сепак, потребни се добра сигнализација и кампања за информирање. Доколку возачите не разберат зошто семафорот останува црвен, системот може да предизвика нервоза или обиди за минување на црвено.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









