Американската администрација изврши силен притисок врз Ford да ја преиспита соработката со кинеските компании CATL, Geely и BYD. Вашингтон тврди дека партнерствата можат да претставуваат ризик за националната безбедност, додека Ford одговори дека критиките се погрешни.
Американскиот секретар за транспорт Шон Дафи испратил писмо до извршниот директор на Ford, Џим Фарли, во кое изразил „длабока загриженост“ поради врските на компанијата со кинеските партнери.
Најголемото внимание е насочено кон фабриката на Ford во Маршал, Мичиген. Во неа американската компанија користи лиценцирана технологија од кинескиот производител на батерии CATL.
Дафи нагласил дека CATL се наоѓа на списокот на Пентагон со компании за кои се тврди дека имаат врски со кинеската војска.
Американската администрација ја критикува и одлуката на Ford да продолжи да го произведува Lincoln Nautilus во Кина до 2030 година. Според Вашингтон, со тоа компанијата уште неколку години ќе остане зависна од кинеското производство.
Ford го оцени писмото како погрешен обид за привлекување внимание. Компанијата истакна дека, додека други производители увезуваат батерии од Кина, таа инвестира во нивно производство во САД.
Од Ford нагласија дека компанијата е сопственик на фабриката, целосно ги контролира работењето и производствениот процес и директно ги вработува работниците.
Под политички притисок е и соработката на Ford со Geely. Во јули претседателот на Комитетот за Кина во Претставничкиот дом предупреди дека партнерството може дополнително да ѝ помогне на кинеската индустрија на европскиот пазар.
САД веќе разгледуваат построга забрана за кинески автомобили и технологии. Посебен проблем за властите се поврзаните возила, батериите, комуникациските системи и податоците што современите автомобили ги собираат за корисниците.
Засега не е донесена наредба со која Ford мора да ги прекине договорите. Станува збор за политичко барање и силен институционален притисок, а не за конечна забрана.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









