Новиот ID. Cross е електричната алтернатива во класата на T-Cross, со пет седишта, досег до 427 километри и брзо полнење за околу 24 минути. Volkswagen со него сака да понуди „премиум чувство“ во компактен формат и по подостапна цена.
Volkswagen официјално го претстави новиот ID. Cross, целосно електричен компактен SUV со кој брендот сака да направи посилен влез во сегментот на достапни електрични модели. Новиот модел стартува од 27.995 евра во Германија, а Volkswagen го позиционира како електричен SUV со квалитет, комфор и технологија што треба да делуваат како од повисока класа.
ID. Cross е дел од новата генерација помали електрични модели на Volkswagen, заедно со ID. Polo и ID. Polo GTI. Тој е замислен како електричен модел за купувачи што денес гледаат кон T-Cross, но сакаат целосно електричен погон, повеќе простор и пониски трошоци на користење. Европското лансирање е планирано за есен 2026 година.
По димензии, ID. Cross е долг 4.153 мм, широк 1.794 мм и висок 1.581 мм, со меѓуоскино растојание од 2.601 мм. Иако е компактен однадвор, Volkswagen нагласува дека благодарение на MEB+ платформата има повеќе простор за пет патници и нивниот багаж во споредба со T-Cross со мотор со внатрешно согорување. Багажникот има 475 литри, а под предната хауба има и дополнителен frunk од 25 литри, практичен за кабелот за полнење.
Дизајнот оди во насока што Volkswagen ја нарекува Pure Positive – чисти линии, силни пропорции и пријателски изглед. Напред и назад има препознатлив светлосен потпис, а со опционалните IQ.LIGHT LED matrix фарови и 3D LED задни светла, моделот добива и осветлени Volkswagen логоа. Целта е ID. Cross да изгледа едноставно, но поскапо од тоа што го сугерира почетната цена.

Во кабината, Volkswagen сака да понуди повисоко ниво на чувство отколку што вообичаено се очекува во оваа класа. Таблата е обложена со ткаенина, има поквалитетни материјали и комбинација од дигитални и физички команди. Пред возачот е 10,25-инчен Digital Cockpit Pro, а во средина е 12,9-инчен infotainment екран. Интересен детал е retro display режимот, кој го имитира изгледот на инструментите од првиот Golf, но во модерна електрична интерпретација.
Понудата ќе вклучува три нивоа на сила – 85 kW, 99 kW и 155 kW, односно 116, 135 и 211 КС. Сите верзии имаат преден погон, а батериите ќе бидат во две големини – 37 kWh и 52 kWh нето капацитет. Со помалата батерија досегот е до околу 316 километри според WLTP, додека поголемата батерија овозможува до 427 километри.
Полнењето исто така е важен дел од приказната. ID. Cross стандардно поддржува DC брзо полнење, а помалата батерија се полни од 10 до 80 проценти за околу 23 минути со моќност до 90 kW. Поголемата батерија поддржува до 105 kW и за истото полнење и требаат околу 24 минути. AC полнењето е до 11 kW.
Volkswagen додава и технологии што обично се очекуваат кај поголеми модели. Connected Travel Assist користи онлајн податоци и за првпат во оваа ценовна класа може да препознава семафори. Ако системот препознае црвено светло, во рамки на своите ограничувања може автоматски да го запре автомобилот. Достапни се и One Pedal Driving, 360-степенски Area View и Park Assist Pro, кој може автоматски да паркира, па дури и да се управува преку смартфон.

Иако е мал електричен SUV, ID. Cross не е замислен само како градски автомобил. Верзијата со батерија од 52 kWh може да влече приколка до 1.200 килограми, а достапна е и Vehicle-to-Load функција со излезна моќност до 3,6 kW, со која може да се напојуваат надворешни уреди, па дури и да се полнат електрични велосипеди.
Во понудата ќе има три нивоа на опрема – Trend, Life и Style. Основниот Trend со 85 kW и батерија од 37 kWh ќе стартува од 27.995 евра, но ќе следува подоцна. Во некои пазари веќе може да се нарачаат Life и Style верзиите со 155 kW и 52 kWh батерија, а нивните цени во Германија почнуваат од 36.525 евра.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на VIBER групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









