Ако летово патувате во Италија со автомобил, вреди да знаете дека во одредени ситуации можете да добиете делумен, па дури и целосен поврат на патарината ако заглавите во колони на автопат. Новите правила се применуваат од 1 јуни 2026 година и важат за доцнења предизвикани од работи на патот, но и за сообраќаен метеж на делници управувани од Autostrade per l’Italia и неколку поврзани концесионери.
Најважната новина е што повеќе не станува збор само за класичен поврат поради работи на патот, туку и за застои.
Ако возачот заглави во метеж од 60 до 119 минути, има право на 50 проценти поврат на патарината за погодената делница. За доцнење од 120 до 179 минути следува 75 проценти поврат, а ако застојот трае 180 минути или повеќе, повратот е 100 проценти. Важно е и тоа што секој застој се пресметува одделно, а доцнењата пократки од 60 минути не се собираат заедно за да го поминат прагот.
Кога станува збор за работи на патот, правилата зависат од должината на патувањето.
За релации до 30 километри повратот е можен без разлика колкаво е доцнењето. За патувања меѓу 30 и 50 километри, доцнењето мора да биде најмалку 10 минути, а за релации подолги од 50 километри најмалку 15 минути.
Самиот поврат во овие случаи се пресметува според формула што ги зема предвид и видот на работите и должината на доцнењето.
Системот не важи за целата Италија, туку за мрежата управувана од Autostrade per l’Italia, Raccordo Autostradale Valle d’Aosta, Società Autostrada Tirrenica и Tangenziale di Napoli. Кај метежот правилото важи и ако патувањето вклучувало повеќе оператори, но застојот се случил на делница што ја управува некој од овие концесионери.
За возачите е важно и како практично се бара повратот. Autostrade per l’Italia нуди можност за регистрирани и нерегистрирани корисници, а барањето може да се поднесе преку нивниот систем за toll cashback. Воедно, официјалната апликација на компанијата овозможува пристап до услугите за поврат на патарина, што значи дека процесот е дигитализиран и не бара класична шалтерска процедура.
Значи, ако треба да барате враќање – СО СРЕЌА









