Volkswagen ја одбележува 50-годишнината на GTI со светска премиера на новиот ID. Polo GTI, кој ќе биде првиот целосно електричен модел со оваа ознака. Дебито е закажано за време на трката 24 часа Нирбургринг, од 14 до 17 мај 2026 година, пред од околу 280.000 посетители.
Volkswagen подготвува едно од најсимболичните претставувања во својата понова историја. По точно 50 години од дебито на оригиналниот GTI, брендот ќе го покаже новиот ID. Polo GTI и со тоа ќе отвори сосема ново поглавје за својата спортска традиција. Најважната порака е јасна – за првпат едно целосно електрично возило ќе ја носи славната GTI ознака.
Светската премиера нема да се случи во класичен салон или на затворен настан, туку на едно од најемотивните места за секој љубител на брзината – Нирбургринг. Volkswagen токму таму ќе го претстави ID. Polo GTI, во атмосфера на тркачки викенд, како дел од прославата на половина век GTI историја. Моделот ќе биде прикажан во Ring-Boulevard, пред голема публика на најголемиот германски мотоспорт настан.
Ова не е случајно избрана сцена. Volkswagen сака јасно да покаже дека и во електричната ера GTI треба да остане синоним за перформанси, емоција и спортски дух. Со ID. Polo GTI, компанијата не претставува само нов автомобил, туку и обид да ја пренесе една од своите најсилни спортски традиции во новата технолошка реалност.
GTI викендот, сепак, нема да се врти само околу новиот електричен модел. Само ден по светската премиера, три Golf GTI Clubsport 24h автомобили ќе настапат на познатата трка на Нордшлајфе, во таканаречениот „Зелен пекол“. Volkswagen подготвува и дополнителни содржини за фановите. На јавната презентациска зона покрај новиот ID. Polo GTI ќе бидат изложени и други перформансни модели на брендот. Посебен акцент ќе добие и Golf R 24H show car, кој ќе понуди прв поглед кон тркачкиот автомобил на Volkswagen за 24 часа Нирбургринг во 2027 година.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
Пред стартот на трката, во центарот на вниманието ќе бидат и историските GTI модели. Околу 40 Volkswagen GTI автомобили од сите осум генерации ќе излезат на Нордшлајфе во парада пред публиката, а меѓу нив ќе биде и новиот ID. Polo GTI. Со тоа брендот ќе се обиде симболично да ја спои својата спортска историја со електричната иднина.
Она што е особено важно е дека Volkswagen засега го претставува ID. Polo GTI како „near-production vehicle“, односно модел многу блиску до сериско производство, но се уште не и официјално пуштен во продажба. Тоа значи дека премиерата на Нирбургринг е најава за многу конкретен следен чекор, а не само дизајнерска студија без реална иднина.
Volkswagen испраќа јасна порака дека GTI не останува заробен во бензинското минато. Напротив, брендот сака да покаже дека и електричниот автомобил може да го носи истиот дух што со децении ја изгради славата на GTI. Дали публиката ќе го прифати ID. Polo GTI со истата страст како неговите претходници, ќе стане појасно токму на Нирбургринг, каде традицијата и перформансите секогаш имаат посебна тежина.









