Министерството за внатрешни работи денес промовираше 120 нови службени возила Peugeot 408, со кои официјално се обновува дел од возниот парк на македонската полиција. Од МВР велат дека набавката е дел од континуираните напори за унапредување на материјално-техничките капацитети и за подобрување на оперативната подготвеност на униформираната полиција.
Според објавените информации, станува збор за модел Peugeot 408 Allure 1.6 PureTech 215 KS EAT8, а набавката изнесува околу 4 милиони евра, односно 239.068.000 денари, со договор склучен на 18.08.2025 година.
Возилата се наменети исклучиво за потребите на униформираната полиција и ќе бидат распределени низ полициските организациски единици во целата држава. Најавено е рамномерно распоредување, со посебен фокус на Скопје, како најголем град со најголеми безбедносни потреби.

Според достапните информации за возилата, Peugeot 408 доаѓа со 1,6-литарски турбо бензински мотор со 215 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, со забрзување до 100 километри на час за 7,9 секунди и максимална брзина од 215 километри на час. Возилата веќе се означени и опремени со потребната полициска опрема за службена употреба.
Со оваа набавка, МВР најавува зајакнување на мобилноста и техничката подготвеност на униформираната полиција, со цел поголема ефикасност во секојдневните задачи и подобра безбедност за граѓаните.









