Porsche преку својата Sonderwunsch програма повторно покажа што значи вистинска персонализација на највисоко ниво. Најновиот проект е единствен 911 Carrera T, наречен Formosa, креиран како дизајнерска посвета на природната убавина на Тајван и неговото историско име „Ilha Formosa“ – „Убав остров“. Ова е единствен примерок и Porsche јасно нагласува дека ваков Carrera T ќе постои само еден.
Екстериерот е најсилната визуелна изјава. Каросеријата е офарбана во специјална нијанса Ipanema Blue Metallic, развиена само за овој автомобил, инспирирана од Пацификот што го опкружува островот.
Детаљите во Suzuka Grey Metallic на задните ознаки, рамките околу стаклата и летвите на капакот на моторот се наменети да ги доловат каменестите карпи и карпестото крајбрежје на источниот брег на Тајван.
Специјалниот изглед го заокружуваат RS Spyder бандажи во Suzuka Grey Metallic со внатрешни делови во Vanadium Grey, како и затемнети HD Matrix LED предни светла и Exclusive Design задни светла, што му даваат суптилно, но многу спортско присуство.

Внатрешноста ја продолжува приказната за Тајван, но на потопол и елегантен начин. Декорот од Paldao дрво симболизира зелени, шумски и планински предели на островот. Седиштата се целосни спортски „кади“ обложени во комбинација од Truffle Brown и црна кожа, со шевови во нијанса Night Green. Специјално за овој автомобил е создадена „Formosa“ шаховска шара во Night Green, црна и крем бела, која се појавува на влошките на седиштата, но и во целосно кожно обложениот преден багажник, каде е извезено и логото „Formosa“.
Осветлените прагови на вратите со натпис „Formosa x Sonderwunsch“ и релјефната силуета на 911 Carrera T во потпирачите за глава, дополнета со мотиви на бранови и планини, ја заокружуваат тематската посвета на островот.
И покрај уникатниот изглед, механички ова останува вистински Carrera T. Под задниот капак работи 3,0 литарски боксерен шестцилиндарец со 388 КС и 421 Nm, поврзан со мануелен менувач. Остануваат и спортскиот сетап на суспензијата и карактерот на „пуристички“ 911 за ентузијасти.

Со Formosa, Porsche не нуди само уште една специјална боја, туку покажува до каде може да оди индивидуализацијата кога клиентот и Sonderwunsch тимот ќе имаат јасна приказна зад автомобилот – во овој случај, цел остров преточен во еден единствен 911.









