Европскиот автомобилски пазар продолжува да покажува знаци на стабилен раст. Според најновите податоци на Jato Dynamics, во август 2025 во Европа се регистрирани вкупно 790.177 нови автомобили, што претставува раст од 5% во однос на истиот месец минатата година.
На врвот на листата за прв пат по подолго време се искачи Volkswagen T-Roc – популарниот компактен SUV кој во август оствари 14.693 регистрации, што е 14% повеќе во однос на истиот месец лани. Интересно е што овој успех доаѓа во момент кога моделот ја завршува својата продукциска етапа – новата генерација на T-Roc веќе беше официјално претставена на крајот од август.
Силна конкуренција во топ 5
На второто место се најде Dacia Sandero со 13.834 регистрации (пад од 11%), а третото место му припаѓа на Toyota Yaris Cross со 12.201 возило (-8%). Големо внимание привлече и Volkswagen Tiguan, кој со 12.094 регистрации оствари импресивен раст од 23% и се најде на четвртата позиција. Renault Clio е петти со 12.091 регистрации (-1%), а аналитичарите претпоставуваат дека купувачите го одложуваат изборот во очекување на новата генерација на Clio, претставена на IAA Mobility саемот во Минхен.
Корејски раст и пад на легендите
Hyundai Tucson бележи раст од 28%, што го прави најуспешниот корејски модел во Европа за август. Листата ја заокружуваат Dacia Duster, Toyota Yaris, Opel Corsa и Volkswagen Golf, кој со 9.444 регистрации бележи пад од 2% и сè повеќе губи чекор пред поновата конкуренција.
Бум на кинеските марки
Посебно впечатлив е растот на кинеските производители – во август тие продале над 43.500 автомобили, што е 121% повеќе отколку во истиот месец 2024 година. Со тоа првпат го надминаа Audi (41.300) и Renault (37.800) по број на регистрации. Иако во Европа се продаваат околу 40 различни кинески марки, дури 84% од продажбите отпаѓаат на топ 5 – MG, BYD, Jaecoo, Omoda и Leapmotor.
MG го престигна Teslа и Fiat, BYD заврши пред Suzuki и Jeep, а Jaecoo и Omoda веќе ги надминаа брендовите како Alfa Romeo и Mitsubishi.
Силна електрификација
Пазарот на електрични автомобили бележи значителен раст со 159.756 регистрации, односно 27% повеќе во однос на минатата година. Tesla Model Y и понатаму е најпродаван електричен модел во Европа, иако со пад од 37% (8.330 возила). Во исто време, Volkswagen како бренд повторно го презеде водството во електричниот сегмент со 16.523 регистрации, пред Tesla со 14.753. Овој пресврт покажува дека европските производители постепено ја враќаат доминацијата во сегментот кој долго време беше речиси синоним за Tesla.
Топ 10 најпродавани автомобили во Европа – август 2025
1️⃣ Volkswagen T-Roc – 14.693 (+14%)
2️⃣ Dacia Sandero – 13.834 (-11%)
3️⃣ Toyota Yaris Cross – 12.201 (-8%)
4️⃣ Volkswagen Tiguan – 12.094 (+23%)
5️⃣ Renault Clio – 12.091 (-1%)
6️⃣ Hyundai Tucson – 11.350 (+28%)
7️⃣ Dacia Duster – 9.813 (-16%)
8️⃣ Toyota Yaris – 9.666 (-6%)
9️⃣ Opel Corsa – 9.585 (+2%)
🔟 Volkswagen Golf – 9.444 (-2%)









