Renault го потврди доаѓањето на шестата генерација од својот најпопуларен модел – Renault Clio. Премиерата е закажана неколку дена пред Саемот за автомобили во Минхен, во септември, а продажбата ќе започне на почетокот на следната година. Оваа нова генерација претставува една од најголемите промени за моделот во последните децении.
Новото Clio ќе биде претставено на 8 септември во Минхен. Шестата генерација носи свеж дизајн – со поистакнат преден дел и нов заден спојлер со двоен раб. Но најважната промена се случува под хаубата: Clio целосно се откажува од бензинските мотори и преминува само на хибриден погон.
Според информации од Autocar, ова нема да биде само унапредена верзија на моделот од 2019 година, туку целосно нов автомобил. Ќе користи унапредена верзија на CMF-B платформата, со цел да се подобри ефикасноста и да се намалат трошоците за производство.
Срцето на новото Clio ќе биде подобрената верзија на хибридниот E-Tech погон, кој комбинира атмосферски четирицилиндричен мотор со два електромотора и испорачува вкупно 143 коњски сили.
Префрлувањето на хибриден погон е директна последица на сè построгите еколошки регулативи во Европската Унија. Од 2026 година, автомобилските производители ќе мора да постигнат просечни емисии под 93,6 грама CO₂ на километар, наспроти сегашните 95 g/km. Хибридниот E-Tech испушта 96 g/km, што е значително подобро од бензинскиот TCe 90 мотор со 120 g/km. До 2030 година, целта ќе се намали на само 49,5 g/km – со што хибридната технологија станува неопходност.
Интересен детал е што новото Clio нема да има целосно електрична верзија. Ова може да го отежне неговото присуство на некои европски пазари каде има квоти за електрични возила.









