Досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа странците само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит- што чини и пари и време.
Во иднина македонските државјани што се на привремена работа во Германија или оние што се решиле таму да продолжат да живеат ќе можат да ги заменат македонските возачки дозволи со германски. Тоа ќе им заштеди време и најмалку 1.500 евра колку што чини полагање за возачки испит во Германија.
Македонското Министерство за внатрешни работи и германското Министерство за сообраќај во вторник конечно ќе го потпишат договорот за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи во двете земји. Договорот би требало да стапи во сила веднаш потоа, што значи дека набрзо ќе можат да се заменуваат македонските возачки дозволи во Германија, и обратно.
Двете земји постигнаа начелен договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи уште во февруари годинава, но технички проблем ја одложи финализацијата на договорот.
Неколку други земји од регионот, како Србија и Босна и Херцеговина веќе подолго време имаат вакви билатерални договори со Германија и нивните државјани без проблеми можат да управуваат моторни возила во земјата, без ограничувања.