И официјално: Audi ја покажа новата Q3 (Фото + Видео)

ОБЈАВЕНО НА:

По минатогодишната најава и неколкуте тизери објавени во меѓувреме, германскиот производител конечно ја претстави новата генерација на Q3. Седум години откако беше претставена првата генерација, втората генерација на најстариот во моменталната понуда SUV на Audi доаѓа со бројни надворешни и внатрешни промени.

Новата генерација на Q3 која се базира на MQB платформата е и димензионално поголема во однос на првата генерација. Така во должина втората генерација е “порасната” за 100 мм и сега изнесува 4.485 мм. Со 1.856 мм зголемена е и ширина додека со висина од 1.585 мм, новиот Q3 е за малку понизок во однос на претходната генерација. Зголемено е и меѓуоскиното растојание и сега тоа изнесува 2.680 мм.

Ваквите димензии обезбедуваат поголема комфорност и удобност во внатрешноста. Тоа може да се огледа и во минималниот капацитет на багажникот кој сега изнесува 675 литри додека со спуштање на задната клупа (60:40) истиот се зголемува на 1.525 литри. Во однос на просторот, треба да се наведе дека кај овој модел постои опција задната клупа да се поместува напред-назад за 150 мм.

Новиот кросовер во понудата на Audi доаѓа со четири мотори од кои три се бензински и еден дизелски. Тука е и новиот 1.5 литарски TFSI мотор со 150 КС кој е опремен со полуцилиндричен систем за исклучување при слаби оптоварувања. Бензинските мотори кои ќе бидат преземени од претходната генерација, доаѓааг со 190 и 230 КС додека единствениот дизелски мотор ќе продуцира 150 КС.

Најголемата промена е на предниот дел. Тука, новиот Q3 SUV модел доаѓа со драстично изменети предни светла, кои за разлика од останатите SUV модели на Audi, не се во правилна форма. Промена има и во формата на отворите наменети за магленки, а блага промена има и на решетката за ладилникот.

Во идентична форма се и новите задни светла кои се најголемата промена во дизајнот на задниот дел. На долниот дел од браникот се наоѓаат и двата “лажни” отвори за издувникот.

Покрај во надворешноста, големи промени има и во внатрешноста која е речиси идентична како и во останатите нови модели на германскиот производител кои се појавија оваа и кон крајот на мината година. Централно место зазима 10.25 инчниот виртуелен инструментален панел, тука е и новиот мултимедијален систем со 10.1 инчни, индуктивниот полнач за смарт уреди, двете USB порти, 15те звучници распоредени низ внатреноста и слично.

За сега не е позната цената по која ќе се продава овој SUV модел, но она што со сигурност се знае дека истиот во продажба ќе се појави во ноември годинава, а производството ќе се извршува во фабриката на Audi во Унгарија.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK