По години на дигитален минимализам, Volkswagen конечно ја призна грешката: европските возачи преферираат физички копчиња наместо комплетно дигитални команди. VW е свесен дека голем дел од нивните купувачи претпочитаат поаналоген интерфејс. Ралф Брандштетер, извршен директор за Кина, објасни дека купувачите во Европа имаат тенденција да преферираат „тактилни контроли, долготрајност и динамика во возењето“. Во Кина, пак, приказната е поинаква – таму купувачите сакаат „AI-приоритетни, поврзани возила со беспрекорно гласовно управување и паметни кокпити“.
Иако Брандштетер ги споредуваше купувачите на електрични возила во Европа и Кина, дури и VW автомобилите со мотори на внатрешно согорување во голема мера ги отфрлија физичките копчиња и прекинувачи. Најновиот Passat (само како караван) е јасен пример како таблет-екраните ги презедоа контролните табли во последните години. Слично е и со електричниот караван ID.7 Tourer кој има минимален број физички копчиња.
Во одбрана на VW, тие веќе ветија враќање кон старите вредности. Веќе гледаме први чекори – моделите Golf GTI и R повторно имаат вистински копчиња на воланот. Исто така, идните модели ќе вклучуваат физички контроли за најчесто користените функции. На почетокот од оваа година, шефот на дизајн во VW призна дека префрлањето кон екранска контрола било грешка.
„Од ID.2all натаму, ќе имаме физички копчиња за петте најважни функции – звук, грејачи за секоја страна, вентилатори. Тие ќе бидат во секој автомобил што ќе го произведеме од сега натаму. Никогаш, ама никогаш повеќе нема да ја направиме оваа грешка. На воланот ќе има физички копчиња. Нема повеќе претпоставки. Има повратна реакција, реални се, и луѓето го сакаат тоа. Искрено, тоа е автомобил. Не е телефон, вели Андреас Минт.
Бидејќи моделите на VW се развиваат заедно со други брендови на групацијата заради распределба на трошоците, постои голема веројатност дека и идните модели на Skoda, SEAT, Cupra и останатите ќе се вратат кон „вистински“ контролни табли. Вклучувањето на повеќе физички контроли несомнено ќе ги зголеми производствените трошоци, што логично ќе се одрази и врз цените. Но тоа е жртва што некои од нас се подготвени да ја прифатат.
Враќајќи се на изјавата на Брандштетер, тој посочи дека просечната возраст на купувач на електрично возило во Европа е 56 години, додека во Кина е под 35. Во својата објава на LinkedIn одговара на прашањето зошто автомобилите развиени од VW во Кина не се продаваат во Европа – сè се сведува на различни регулативи, трошоци и преференции на купувачитe.