Од 1 август 2025 година, во Полска стапуваат на сила нови строги сообраќајни прописи. Владата ја заострува казнената политика поради зголемен број тешки сообраќајни несреќи, а новите мерки подеднакво важат за домашните и за странските возачи – без разлика дали се туристи или професионални возачи.
Најзначајна промена е воведувањето на две нови кривични дела:
* Нелегални улични трки
* Грубо прекршување на сообраќајните правила
Како „груб прекршок“ се смета возење со брзина поголема од 50% над дозволеното на автопати и експресни патишта или 100% на други патишта – особено кога со тоа се загрозуваат други учесници во сообраќајот.
Во зависност од сериозноста на прекршокот, казните можат да бидат:
*До 5 години затвор,
* До 10 години затвор ако има смртни последици,
* Конфискација на возилото,
Автоматско одземање на возачката дозвола на три месеци при надминување на брзината за повеќе од 50 км/ч – не само во населени места, туку и на отворени патишта.
Доколку лице со важечка забрана сепак управува возило, може да добие доживотна забрана за возење во Полска.
Странски возачи не се исклучок
Сите нови мерки важат и за странските државјани. Во случаи на сериозни прекршоци, полицијата може веднаш да ја одземе возачката дозвола, дури и ако е издадена од странска држава. Документот потоа се предава во надлежната амбасада.
Покрај тоа, неплатени казни од над 70 евра може да бидат присилно наплатени и во матичната земја на прекршителот.









