Новата генерација на BMW Серија 3 со мотори со внатрешно согорување влегува во последната фаза од развојот пред сериско производство. Камуфлирани прототипи моментално минуваат низ завршни тестови во Miramas, Франција, а BMW потврдува дека моделот ќе остане верен на четирицилиндрични и шестцилиндрични мотори, комбинирани со 48V mild hybrid технологија.
Новата Серија 3 ќе ја дели Neue Klasse дизајнерската филозофија со целосно електричниот BMW i3, но ќе задржи сопствен карактер според видот на погон. Во кабината ќе биде вграден BMW Panoramic iDrive со BMW Operating System X, додека во развојот голем акцент е ставен на управувањето, комфорот и типичното BMW чувство зад волан.
BMW ја тестира новата Серија 3 во својот центар во Miramas, каде има различни типови патеки и подлоги. Развојниот тим таму ги доработува шасијата, управувањето и однесувањето на автомобилот при различни брзини.
Пред Франција, прототипите веќе поминале зимски тестови и динамички испитувања на Нирбургринг. Според BMW, целта е да се постигне подобра комбинација од прецизност, стабилност и комфор.
Новата BMW Серија 3 добива подолго меѓуоскино растојание од претходникот и поширок траг на тркалата напред и назад. BMW наведува дека распределбата на тежината меѓу оските е речиси идеално избалансирана.
Стандардната суспензија добива новоразвиени амортизери, додека адаптивна и Adaptive M суспензија ќе бидат достапни како опција. За првпат ќе може да се нарачаат и спортски гуми 245/35 R20 напред и 275/30 R20 назад.
BMW потврдува дека новата Серија 3 со мотори со внатрешно согорување ќе користи четирицилиндрични и шестцилиндрични мотори. Сите ќе бидат комбинирани со 48V mild hybrid технологија.
На врвот на понудата ќе стои BMW M350 xDrive. Тој ќе биде единствената верзија со шестцилиндричен мотор и ќе користи 3,0-литарски BMW TwinPower Turbo реден шестцилиндричен агрегат.

Системската моќност е 326 kW, односно 443 КС, а максималниот вртежен момент изнесува 580 Nm. Стандардно доаѓаат осумстепен BMW Steptronic менувач и BMW xDrive погон на сите тркала.
Според прелиминарните податоци, M350 xDrive ќе забрзува од 0 до 100 км/ч за 4,1 секунди, а максималната брзина ќе биде 250 км/ч. BMW нагласува дека овие бројки се уште се привремени, бидејќи автомобилот е во развојна фаза.
Една од најинтересните новини е Drift Moment. Со активирање преку централниот екран, системот целосно ја испраќа погонската сила кон задните тркала. Во комбинација со DSC OFF и посебното управување со повеќеламелната спојка, автомобилот добива однесување насочено кон контролирано пролизгување.
BMW планира Drift Moment да стане достапен во текот на 2027 година. Функцијата ќе може да се активира и кај веќе испорачани автомобили преку Remote Software Upgrade.
Сите верзии на новата Серија 3 добиваат нова електронска и софтверска архитектура. Централна улога има BMW Driving Stack, кој ги поврзува системите што влијаат врз динамиката на возење.
Кај електричниот BMW i3 централна улога има Heart of Joy, додека кај верзиите со мотори со внатрешно согорување BMW користи посебно оптимизиран Driving Stack. Тој е приспособен на карактеристиките на класичниот погон и треба да обезбеди попрецизно и покохерентно однесување на автомобилот.

И покрај различните погонски системи, BMW сака електричниот i3 и класичната Серија 3 визуелно да бидат многу блиски. Новата генерација ќе ја користи Neue Klasse дизајнерската филозофија, со нова интерпретација на традиционалниот BMW преден дел, долго меѓуоскино растојание и кратки превиси.
Во кабината доаѓа BMW Panoramic iDrive со BMW Operating System X, со што и верзиите со бензински мотори ќе ја добијат новата дигитална архитектура на брендот.
BMW потврдува дека производството на M350 xDrive треба да започне во втората половина на 2026 година. За останатите верзии засега нема комплетни официјални спецификации.
Исто така, WLTP податоците за потрошувачката и емисиите се уште не се објавени, бидејќи тестирањето не е целосно завршено
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









