Great Wall Motors веќе пет години тајно развива сопствен суперавтомобил со кој сака да се мери со иконите на автомобилската индустрија, како Ferrari SF90 Stradale. Ова го потврди техничкиот директор на GWM, Ву Хуејсијао, кој откри дека проектот започнал во 2020 година и има за цел да создаде автомобил кој не само што нуди врвни перформанси, туку и силно емоционално доживување зад воланот.
Главниот фокус на развојот е насочен кон квалитетот и инженерската прецизност, но и кон оптимизација на трошоците – без компромиси во перформансите. GWM сака да создаде вистински хиперавтомобил кој ќе остави незаборавен впечаток и ќе го стави брендот рамо до рамо со европските гиганти.
Еден од најголемите предизвици во моментов е каросеријата од карбонски влакна. Според Ву, во Кина засега нема компанија што може да понуди производство на вакви компоненти со доволна прецизност и квалитет, па Great Wall активно бара партнери и во странство.
Компанијата, исто така, инвестира во најдобрите инженери и експерти за вештачка интелигенција – со плати кои достигнуваат и до 700.000 долари годишно, што е рамно на водечките позиции во светот на технологијата. Ова укажува дека идниот суперспортски модел ќе биде длабоко дигитализиран и исполнет со напредни системи.
Иако нема официјални податоци за моторот или перформансите, амбициите се јасни: новиот модел треба да го надмине Ferrari SF90, кој е еден од најмоќните хибриди на пазарот. Дополнителен симболичен момент беше уловен од папараците – извршниот директор на GWM, Веи Џианджун, бил фотографиран како лично управува Ferrari SF90. Ова се толкува како обид за детална анализа на италијанската конкуренција и примена на најдобрите решенија во новиот модел.
Името на суперспортскиот автомобил сè уште не е откриено, но ако судиме според досегашниот пристап, станува збор за проект што има за цел не само да внесе револуција во кинеската автомобилска индустрија, туку и да покаже дека Кина може да создаде суперавтомобил достоен за глобална сцена.









