На 24 април 2025 година, Dacia го произведе осуммилионтиот автомобил во својата фабрика во Миовени, Романија. Јубилејното возило беше моделот Dacia Bigster во сина индиго боја. Фабриката во моментов произведува по едно возило на секои 55 секунди, со дневен капацитет од 1357 возила.
Фабриката во Миовени, со површина од 355.000 квадратни метри, има централно место во историјата на брендот. Отворена е на 20 август 1968 година, а првиот произведен модел беше Dacia 1100, базиран на Renault R8. Во следните три децении доминираа моделите направени под лиценца на Renault 12 – Dacia 1300, 1310 и нивните деривати, како 1310 Sport, 1320, 1325 и Pick-Up.
Од 1969 до 2006 година, во фабриката беа произведени речиси 2,3 милиони возила, од кои околу 319.000 беа комерцијални модели. Во 1995 година се појави првиот целосно домашно дизајниран модел – Dacia Nova, по кој следуваа SupeRNova и Solenza. Новата ера започна во 1999 година кога Renault Group ја презеде фабриката, а во 2004 беше лансиран револуционерниот модел Logan.
Во изминатите 57 години, на производната лента во Миовени се менуваа шест различни генерации модели. Најпродаван модел е Dacia Duster, кој беше лансиран во 2010 година и досега е произведен во над 2,6 милиони примероци, сега достапен во својата трета генерација.
Најновиот модел што излегува од фабриката е Dacia Bigster, SUV од сегментот C што треба да го редефинира пристапот кон практични, пространи и робусни семејни возила. Bigster нуди одлична опрема по пристапна цена, а веќе има над 13.000 нарачки иако се уште не е стигнат во продажба низ Европа.









