Не се радари, нема физички пречки и не го оштетуваат автомобилот. Таканаречените „змејски заби“ се триаголни ознаки на асфалтот што визуелно го стеснуваат патот и го поттикнуваат возачот инстинктивно да ја намали брзината.
Една релативно едноставна форма на хоризонтална сигнализација станува сè поинтересна како средство за намалување на брзината. Станува збор за таканаречените „змејски заби“ – серија бели триаголници поставени од двете страни на коловозната лента.
Како што возачот се приближува, триаголниците постепено стануваат поголеми. Визуелниот ефект создава впечаток дека патот се стеснува, па возачот природно ја намалува брзината. Истовремено, брзото поминување покрај последователните ознаки создава чувство дека автомобилот се движи побрзо отколку што навистина се движи.
Резултатот е психолошка реакција наместо физичка пречка. Нема лежечки полицаец, нема удар во суспензијата и нема камера што автоматски испраќа казна. Ознаките најчесто се поставуваат пред населени места, училишта, пешачки премини и опасни кривини. Сепак, тврдењето дека тие секогаш се „подобри од радар“ треба да се земе со резерва.
Американската FHWA има документирано случаи каде ваквите и сродните оптички ознаки ја намалиле просечната брзина за неколку милји на час, но резултатите не се исти на секоја локација. Во еден тест, дополнителното поставување „змејски заби“ не донело статистички значајно дополнително намалување на брзината.
Од друга страна, британските истражувања на системи за смирување на сообраќајот покажале забележливи намалувања на брзината кога „змејските заби“ биле комбинирани со други gateway мерки. Тоа значи дека ова не е магично решение, но е евтин начин да се влијае на перцепцијата на возачот.
Предноста е што ознаките се евтини за поставување, не бараат електроника и можат да се комбинираат со ограничувања, знаци и други мерки за безбедност.
🚗 Читај 24AUTO.MK и на Viber!
Автомобилски вести директно на твојот мобилен.
📲 Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. и биди во тек!









