Кинескиот автомобилски гигант BYD официјално го означи почетокот на своето присуство во Македонија со промотивен настан и прво запознавање со моделите што ќе се нудат на нашиот пазар. 24auto беше дел од презентацијата, на која беа покажани електрични и plug-in hybrid модели и беа објавени и првите официјални цени.
BYD официјално пристигна во Македонија и на домашниот пазар влегува со значително поширока понуда отколку што е вообичаено за нов бренд при старт. На промотивниот настан беа претставени модели од повеќе сегменти – од малиот електричен Dolphin Surf, преку Atto и Seal семејствата, до поголемите Seal U DM-i и Sealion 7.
24auto беше дел од официјалната промоција и првото запознавање со автомобилите, а впечатокот од презентацијата е дека BYD не доаѓа само да го тестира пазарот. Брендот веднаш настапува со комбинација од целосно електрични и plug-in hybrid модели и со јасно поставена гаранциска политика.
BYD во моментов во понудата ги има Dolphin Surf, Atto 2, Atto 2 DM-i, Atto 3 Evo, Seal U DM-i, Seal, Seal 6 DM-i и Sealion 7. Со тоа брендот покрива неколку важни сегменти – од градски hatchback, преку компактни и средно големи SUV модели, до електрични и plug-in hybrid лимузини.

Официјален ценовник за Македонија
Во моментот на официјалната македонска веб-страница се објавени почетните цени за шест модели. За Seal 6 DM-i и Sealion 7 моделите се прикажани на страницата, но почетна цена не е објавена во делот со понудата.
| Модел | Погон | Почетна цена |
|---|---|---|
| BYD Dolphin Surf | електричен | 26.400 евра |
| BYD Atto 2 DM-i | plug-in hybrid | 30.400 евра |
| BYD Atto 2 | електричен | 34.700 евра |
| BYD Atto 3 Evo | електричен | 38.800 евра |
| BYD Seal U DM-i | plug-in hybrid | 39.900 евра |
| BYD Seal | електричен | 43.000 евра |
| BYD Seal 6 DM-i | plug-in hybrid | цена не е објавена |
| BYD Sealion 7 | електричен SUV | цена не е објавена |
Најдостапен во понудата е Dolphin Surf со почетна цена од 26.400 евра. Atto 2 DM-i стартува од 30.400 евра, додека неговата целосно електрична верзија Atto 2 започнува од 34.700 евра. Atto 3 Evo е позициониран на 38.800 евра, Seal U DM-i на 39.900 евра, а електричниот Seal започнува од 43.000 евра.
Dolphin Surf има особено важна улога бидејќи е најдостапниот електричен модел на BYD во Македонија. На презентацијата беше прикажана верзија со максимална моќност од 115 kW, комбиниран WLTP досег од 322 километри и до 507 километри според WLTP градскиот циклус.
Максималната DC моќност за полнење е до 85 kW, а полнењето од 30 до 80 проценти е наведено на 22 минути. Со компактни димензии и цена од 26.400 евра, Dolphin Surf логично ќе биде еден од моделите преку кои BYD ќе се обиде да привлече купувачи што првпат размислуваат за електричен автомобил.
BYD не се потпира само на целосно електрични автомобили. Во Македонија пристигнуваат и Atto 2 DM-i, Seal U DM-i и Seal 6 DM-i. Овие модели користат plug-in hybrid технологија и се особено интересни за купувачи кои сакаат секојдневно електрично возење, но не сакаат целосно да зависат од инфраструктурата за полнење.
BYD Super DM системот е еден од главните технолошки адути на компанијата и е дел од пошироката стратегија на брендот за таканаречени NEV возила, односно возила на нова енергија.

Blade Battery е во центарот на технологијата
Една од технологиите по кои BYD е најпознат е Blade Battery. Станува збор за LFP, односно литиум-железо-фосфатна батериска технологија. BYD ја истакнува пред сè поради безбедноста, издржливоста и долгиот работен век.
Компанијата сама развива голем дел од своите клучни технологии, од батерии и електромотори до електронски системи и платформи. На македонската веб-страница посебно се издвојуваат Blade Battery, BYD e-Platform 3.0 и Super DM системот.
Гаранција од 6 години, а за батеријата до 8 години
Една од посилните точки на понудата е гаранцијата. Според официјалната политика објавена на локалната BYD страница, основната гаранција изнесува 6 години или 150.000 километри.
Погонската батерија е покриена 8 години или 250.000 километри, со услов SOH – State of Health, односно здравствената состојба на батеријата – да биде најмалку 70 проценти.
Погонската единица, во која се вклучени електромоторот и неговиот контролер, има гаранција од 8 години или 150.000 километри. Антикорозивната гаранција за каросеријата е 12 години без ограничување на километражата.

Она што го издвојува стартот на BYD во Македонија е бројот на модели. Наместо еден или два автомобили со кои постепено би се тестирал интересот на пазарот, брендот веднаш покрива повеќе типови купувачи.
Сега следува потешкиот дел – да се убеди купувачот. Цените се конкурентно поставени, а долгата гаранција е сериозен аргумент. BYD има и сопствени технологии со кои може да се разликува од останатите нови кинески брендови што влегуваат во Европа.
Од друга страна, за македонските купувачи ќе бидат важни и развојот на дилерската и сервисната мрежа, достапноста на резервни делови и реалните трошоци за одржување.
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber https://abit.ly/24auto-viber
❗❗ Со еден клик до сите вести.









