Хрватска влегува во голема промена на автопатите, затоа што од 1 март 2027 година треба официјално да стартува новиот систем за наплата на патарина Crolibertas. Главната новина е јасна – класичните наплатни куќички и рампи заминуваат во историјата, а возачите повеќе нема да застануваат за да платат на излез од автопат. Наместо тоа, наплатата ќе се врши електронски, преку ENC уред или преку автоматско препознавање на регистарските таблички.
Откако во дел од медиумите се појавија информации дека новиот систем би можел да стартува уште оваа есен, Хрватски автопати јавно демантираа и појаснија дека планираниот почеток и натаму останува март 2027 година. Според нив, станува збор за технички и организациски многу сложен проект, кој се воведува во повеќе фази и за кој инфраструктурните подготовки сè уште траат.
За возачите на патнички автомобили ќе има две главни опции.
* Првата е користење подобрен ENC уред, кој ќе остане едно од основните решенија и во новиот систем.
* Втората е ALPR систем, односно автоматско читање на регистарските таблички преку камери. Оние што ќе ја изберат оваа опција, ќе треба однапред да се регистрираат преку официјалната веб-страница или мобилната апликација и да поврзат банкарска картичка за автоматска наплата.
Кај тешките возила, како камиони и автобуси, приказната е поедноставна – ENC уредот ќе биде задолжителен. Тоа значи дека за нив нема да има опција со читање таблички како алтернатива, туку ќе мора да бидат вклучени во системот со уред.
Најмногу внимание привлекуваше прашањето дали готовината целосно исчезнува. Тука има важен детал. Хрватските автопати објаснуваат дека готовинското плаќање нема целосно да биде укинато, но повеќе нема да постои досегашниот модел во кој возачот застанува на рампа и му плаќа на службеникот.
Наместо тоа, готовинска уплата ќе биде можна преку продажни канцеларии на HAC и концесионерите, како и на други продажни места. Со други зборови, готовината останува како можност, но не и како класично плаќање на самата наплатна куќичка.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
Контролата на наплатата ќе ја вршат мобилни единици и портали со камери поставени долж автопатите. Токму тие портали се клучниот дел од новиот систем, а според последните информации, веќе се поставени повеќе од 50 портали на хрватските автопати. Тоа покажува дека проектот не е само на хартија, туку веќе добива и реална теренска форма.
Новата наплата нема да важи само на дел од мрежата, туку треба да ја опфати целата автопатска инфраструктура во Хрватска, вклучително и делниците под управување на Хрватски автопати, но и на Бина – Истра и Автопатот Загреб – Мацељ. Целта е низ целата земја да се воспостави единствен систем, без различни правила и различни модели на плаќање.
Во позадина, Хрватска со овој потег сака да го забрза протокот на возила, да ги намали колоните на наплатните места, особено во летната сезона, и да воведе посовремен модел што веќе постои во дел од европските земји. За туристите и транзитните возачи тоа треба да значи помалку застанување, помалку гужви и побрзо минување низ мрежата на автопати.









