Skoda Auto во 2025 оствари рекордни финансиски резултати со приход од 30,1 милијарда евра и оперативна добивка од 2,5 милијарди евра, а испораките надминаа 1,04 милиони возила. Компанијата најавува дека во 2026 ќе го удвои целосно електричното портфолио со новите Epiq и Peaq.
Skoda Auto ја заврши 2025 година со рекорден резултат и на финансиски и на продажен план. Производителот од Млада Болеслав пријави приход од 30,1 милијарда евра, што е раст од 8,3%, оперативна добивка од 2,5 милијарди евра (+8,6%) и маржа на продажба од 8,3%. Нето паричниот тек достигна 2,3 милијарди евра, исто така рекордно ниво за компанијата.
Паралелно со финансискиот раст, Skoda пријави и силна побарувачка: во 2025 се испорачани 1.043.900 возила на купувачи ширум светот (+12,7%), со што брендот повторно ја помина границата од еден милион, првпат по шест години.
Во Европа (EU27+4), Skoda се позиционира како трет најпродаван бренд, а во исто време е четврта меѓу производителите на електрични возила. Компанијата наведува и дека има најбрз годишен раст на регистрации меѓу топ 10 брендови, со 840.295 регистрации и раст од 9,6%.
Електрификацијата има сè поголема улога во резултатите. Skoda објавува дека испораките на електрифицирани возила се зголемиле на 218.700 (+117,5%), од кои 174.900 се целосно електрични, а 43.800 се plug-in хибриди. Во Европа, електрифицираните модели учествуваат со 25,7% од испораките, што практично значи дека секој четврти автомобил е продаден со приклучок.
Посебно се истакнува Elroq, кој според компанијата бил втор најпродаван електричен автомобил во регионот, додека Enyaq е рангиран како седми најпродаван. Skoda најавува дека во првата половина од оваа година ќе го открие новиот целосно електричен Epiq, а потоа следува и Peaq, модел со седум седишта. Со овие две новини, брендот планира во 2026 да го удвои целосно електричното портфолио.
Кај класичните модели, Octavia останува најпродавана Skoda. Компанијата наведува дека актуелната четврта генерација (на пазар од 2020) веќе надминала еден милион продадени примероци, а во 2025 по испораки следеле Kodiaq, Kamiq и Fabia.
Skoda дополнително ја нагласува и меѓународната експанзија. Во 2025 започнало производство во Виетнам на Kushaq и Slavia со локален партнер, а Индија станува втор столб надвор од Европа со рекордни 70.600 испораки (+96,1%). Компанијата бележи раст и во Турција (45.100; +6,8%) и Северна Африка, со зголемени испораки во Мароко (6.000; +37,1%) и Египет (5.300; +32,9%). Како нов чекор се споменува и влез на пазарите на Оман и Саудиска Арабија.
Во Skoda велат дека резултатите се потпираат на поширока и модернизирана гама, подобрен продажен микс и мерки за ефикасност, како и забрзана дигитализација со таргетирана употреба на вештачка интелигенција во развој, производство, набавки и кориснички сервиси.









