BMW започна голема глобална сервисна кампања која опфаќа стотици илјади возила ширум светот поради технички дефект во системот за стартување што може да предизвика ризик од пожар.
Според информациите од компанијата, интерните проверки и повратните информации од клиенти покажале дека стартер кај одредени мотори може да стане неисправен по голем број стартувања. Оваа деградација може да предизвика краток спој во компонентата позната како „стартер реле“, што во екстремни услови може да доведе до локално прегревање и потенцијален ризик од пожар.
Специјализирани германски медиуми наведуваат дека глобалната кампања може да опфати околу 575.000 возила произведени меѓу јули 2020 и јули 2022 година.
Повикот ги опфаќа бројни модели на BMW, меѓу кои Серија 2, 3, 4, 5, 6 Gran Turismo и 7, како и SUV моделите X3, X4, X5 и X6, како и родстерот Z4. Бидејќи Z4 ја дели платформата со Toyota Supra, и овој модел е засегнат од мерката. Во кампањата се вклучени и возила кои во меѓувреме добиле потенцијално неисправен заменски стартер.
BMW најави дека сопствениците на погодените возила ќе бидат контактирани директно преку официјалните канали со цел закажување сервисен термин. Препорачаното решение е превентивна замена на стартерот, а кај одредени модели и на акумулаторот, со цел да се обезбеди целосна компатибилност со новата компонента.
Додека трае сервисната кампања, производителот препорачува дополнителна внимателност. Конкретно, се советува моторот да не се остава да работи без надзор по стартување, особено кога се користи далечинско палење. Иако BMW не наложува целосна забрана за користење на возилата, нагласува дека е важно да се почитуваат овие препораки поради идентификуваниот ризик.
Оваа кампања доаѓа во период кога производителот веќе спроведе повеќе слични повици во последните месеци, поврзани со стартер системи и други технички компоненти.









