Зимските услови значително ја зголемуваат потрошувачката на гориво, а причините не се сведуваат само на ниските температури. Начинот на возење и навиките на возачите во студените месеци можат сериозно да влијаат врз трошоците за гориво.
Еден од најголемите фактори што ја зголемуваат потрошувачката е кровната кутија (т.н. туле). Дури и при умерени брзини од околу 80 километри на час, таа може да ја зголеми потрошувачката за повеќе од 10 проценти, поради зголемениот отпор на воздухот. Колку е поголема брзината, толку е и поголем ефектот.
Дополнителна потрошувачка создава и користењето на повеќе електрични уреди во исто време. Греењето на седиштата, воланот и задното стакло, доколку се користат подолго отколку што е потребно, директно влијаат врз оптоварувањето на моторот и зголемувањето на потрошувачката.
Тежината на возилото исто така игра важна улога. Секои дополнителни 100 килограми товар во автомобилот можат да ја зголемат потрошувачката, особено при градско возење и чести забрзувања.
Честа навика кај возачите во зима е оставање на моторот да работи во празен од за да се загрее возилото. Ова не само што не штеди гориво, туку непотребно го зголемува трошењето, бидејќи моторот троши гориво без возилото да се движи.
И снегот и мразот на каросеријата не се само безбедносен проблем, туку и фактор што го зголемува отпорот и ја зголемува потрошувачката при возење.
Советите за возачите се во зима да ги отстранат кровните кутии кога не се неопходни, да го исклучуваат греењето и електричните уреди кога не се потребни и редовно да го одржуваат возилото. Со неколку едноставни навики, можно е значително да се намалат трошоците за гориво и да се вози поекономично дури и во најстудените месеци.









