Mercedes направи драматичен пресврт во својата деловна стратегија: компанијата официјално се откажува од концептот „луксузна ориентација“ и се подготвува да лансира нови, значително поевтини влезни модели.
Според шпекулациите од германските медиуми, најевтините Mercedes модели би можеле да бидат 20–30% поевтини од сегашните почетни цени – намалување од неколку илјади евра.
Овој потег доаѓа во момент кога електричниот CLA постави апсурдно високи стандарди за цените во премиум-сегментот. Истовремено, Mercedes се подготвува да понуди поволни автомобили, што претставува големо изненадување за пазарот и сериозен удар за конкуренцијата.
„Луксуз“ – збор што повеќе не постои во стратегијата на Mercedes
Германските медиуми – вклучувајќи ги Bild, Handelsblatt и WirtschaftsWoche – објавија дека Mercedes го менува својот фокус:
намeсто да биде „исклучиво луксузен бренд“, компанијата се насочува кон тоа да биде „најпожелен производител во секој сегмент каде конкурира“.
Тоа значи дека Mercedes повторно се приближува до купувачите кои сакаат „вистински Mercedes“, но не ги можат или не сакаат да ги плаќаат цените од 60, 70 или 100 илјади евра – цени кои претходните години го направија брендот недостижен за огромен дел од неговите традиционални клиенти.
Mercedes не станува Dacia – но сака да биде достапен
Иако Mercedes не планира да произведува екстремно евтини автомобили, компанијата е свесна дека претераното инсистирање на премиум сегментот ја поткопа продажбата:
за многу купувачи, Mercedes стана само сон или лотарија фантазија, наместо реална опција.
Новите планови најавуваат повраток во сегментот од 30.000 до 40.000 евра, кој некогаш беше основа на успехот на брендот и во кој Mercedes доминираше со модели како A-Class и B-Class.
Дали Mercedes влегува на територијата на Volkswagen?
Новата стратегија веднаш го поставува најголемото прашање: дали Mercedes влегува во сегмент кој традиционално беше „света територија“ на Volkswagen?
Во контекст на силниот притисок од кинеските конкуренти и строги регулативи во ЕУ, германската автомобилска индустрија се наоѓа во внатрешен пазарен судир.
И овој потег може да биде почеток на вистинска „братска војна“ меѓу големите германски производители.
Со спуштање во „нормалните“ ценовни сегменти, Mercedes можеби го отвора она што долго време беше затворено: враќање на здрава пазарна конкуренција, наместо неколкугодишни политички лобирања, субвенции и ориентација на производители кон премиум сегмент како единствен излез.
Критичарите одамна предупредуваат дека европските брендови почнаа да создаваат автомобили кои стануваат премногу скапи за сопствениот пазар – а Mercedes очигледно решил да го прекине овој тренд.









