Европската унија подготвува нова, пофлексибилна регулаторна категорија за мали електрични автомобили, со цел цените да паднат во зоната 15–20 илјади евра. Планот треба да биде претставен во декември и практично отвора „брза лента“ за градски е-возила што нема да мора да ги исполнуваат истите, скапи барања како големите луксузни модели. Намерата е јасна: да се врати пристапниот градски автомобил – но овојпат на струја – и да се одговори на ценовниот притисок од кинеската конкуренција.
Според европскиот комесар за индустрија, новата меѓукатегорија ќе биде „мост“ меѓу ултрамалите квадрицикл (тип Citroеn Ami) и тешките премиум автомобили. Производителите веќе сигнализираат подготвеност: идејата ја поддржуваат големите групации, бидејќи досегашните многу строги правила практично ги „истераа“ евтините градски модели од пазарот. Сега се отвора простор да се роди нова генерација компактни, едноставни, безбедни и главно – многу поевтини електрични автомобили.
Европските брендови гледаат шанса да го скратат јазот со Кина, чиј ценовен хендикеп се проценува на 30% во корист на кинеските модели. Доколку регулативата се олесни, производството на градски е-возила во ЕУ повторно ќе стане исплатливо, што може да го забрза обновувањето на возниот парк и да им понуди реална алтернатива на купувачите кои не сакаат или не можат да платат 30–40 илјади евра за електричен автомобил.
Зошто ова е добра вест
Достапност: целна цена 15–20 илјади евра ја прави електричната мобилност достижна за многу повеќе купувачи.
Побрзо подмладување на возниот парк: повеќе нови, чисти возила = помалку емисии во градовите.
Европско производство: враќа смисла за локално склопување на мали модели; повеќе работа и помал увозен притисок.
Реални барања за мали автомобили: без „претерани“ скапи технологии што антипродуктивно ја креваа цената.
Конкуренција = подобра понуда: притисокот ќе донесе повеќе избор, поефикасни модели и подобра вредност за парите.
Ако Брисел го испорача пакетот во декември, 2026–2027 може да бидат годините кога повторно ќе видиме вистински достапни градски електрични автомобили „родени“ во Европа – конечно со цена што има смисла.









