Audi подготвува целосен влез во сегментот на големи SUV модели. Долгo очекуваниот Audi Q9, најголемиот Q модел досега, ќе дебитира во 2026 година. Истовремено, компанијата ќе ја претстави и целосно новата генерација на Q7, кој по една деценија добива потполна замена.
Со Q9 и новиот Q7, Audi ја зацврстува својата позиција во најпрофитабилниот сегмент на SUV возила. Стратегијата јасно покажува дека во следната деценија мотори со внатрешно согорување и електрични погони ќе коегзистираат, прилагодени на потребите на различни пазари и купувачи.
Со тоа, брендот од Инголштат конечно влегува во премиум full-size SUV сегментот, директно спротивставувајќи се на BMW X7 и Mercedes GLS.
Покрај Q9, следната година ќе биде претставена и целосно нова генерација на Q7. Овој модел е присутен речиси 10 години и со две дотерувања ја одржуваше својата конкурентност, но сега добива длабока технолошка и дизајнерска надградба.
И двата SUV модели ќе ја користат Premium Platform Combustion (PPC), развиена во рамките на Volkswagen Group. Оваа архитектура е подготвена за широк спектар погони: бензин, дизел, mild-hybrid и plug-in hybrid системи, па дури и опција со продолжен опсег. Таквата флексибилност е клучна во време кога побарувачката на глобалните пазари е различна, а регулативите неизвесни.
Интересно е што Porsche исто така развива нов SUV со седум седишта, позициониран над Cayenne. Иако иницијално планиран како електричен модел, проектот беше пренасочен кон бензински и plug-in хибридни изведби. Со тоа, Porsche и Audi практично заедно градат „салони на тркала“ за купувачи кои сакаат пространи и премиум автомобили, но сè уште не се подготвени целосно да преминат на струја.
И Audi и Porsche направија чекор назад од првичните планови за целосна електрификација. Audi веќе не инсистира на премин 100% на EV до 2032, а Porsche јавно потврди дека V8 моторите ќе живеат и во 2030-тите. Сепак, електрични модели ќе продолжат да се развиваат .
Сите овие потези се одвиваат во контекст на дебатата за забраната на продажба на нови бензински и дизел возила во ЕУ од 2035 година. Се очекува до крајот на годината регулативата повторно да биде разгледана, со можност plug-in хибридите да продолжат и по тој рок.









