Жирито составено од 26 европски новинари едногласно гласаше за новото електрично комби. Моделот има архитектура од 800 волти и деклариран досег поголем од 470 километри.
Новиот Renault Trafic Van E-Tech electric ја освои наградата International Van of the Year 2027. Одлуката била донесена едногласно од жири составено од 26 специјализирани новинари од исто толку европски земји.
Наградата беше доделена на саемот IAA Transportation во Хановер, каде Renault го претстави новото електрично комби. Ова е шеста победа за лесно комерцијално возило на францускиот производител и втора за Trafic, кој првпат го освои признанието во 2002 година.
Новиот Trafic E-Tech е поставен на платформата RGEV и користи електрична архитектура од 800 волти. Renault наведува комбиниран досег поголем од 470 километри, додека во градски услови декларираната вредност може да достигне до 690 километри.
Системот за брзо полнење може за 20 минути да обезбеди енергија за уште 280 километри комбинирано возење, според пресметките на производителот. Сите бројки ќе треба да се разгледуваат во зависност од конфигурацијата, товарот, временските услови и конечната хомологација.
Trafic E-Tech е развиен како Software Defined Vehicle. Дел од неговите функции се контролираат преку централизирана електронска архитектура, што овозможува надградби преку интернет и воведување нови услуги во текот на животниот век на возилото.
Renault наведува круг на вртење од 10,3 метри, споредлив со оној на Clio, што треба да го олесни користењето во градски услови. Производството ќе се одвива во фабриката во Сандувил, Франција.
Покрај класичната товарна верзија, понудата треба да биде проширена со шасија со кабина и верзија со двојна кабина. Renault планира до 2028 година да претстави вкупно пет нови лесни комерцијални модели.
Цената и точниот почеток на продажбата на одделните европски пазари сè уште не се објавени. Нема ниту информација за достапноста во Македонија.
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber https://abit.ly/24auto-viber
❗❗ Со еден клик до сите вести. ❗❗









