Einride и Lidl пуштија автономно електрично возило во секојдневна логистичка употреба на јавни патишта. Во него нема ниту возач ниту безбедносен оператор.
Компаниите Einride и Lidl започнаа редовна употреба на автономен електричен камион без возачка кабина на јавни патишта во Германија. Возилото работи на четврто ниво на автономија и превезува стока од дистрибутивниот центар на Lidl во Едерминде до блиска продавница.
Камионот нема класична кабина, управувач или место за возач. Во него нема ниту безбедносен оператор, а се движи под официјална дозвола од германската Сојузна управа за моторен транспорт – KBA. Според компаниите, станува збор за прво одобрение од ваков вид во Германија.
Возилото има простор за 15 европалети и може да ја минува зададената рута до трипати дневно. Во четиримесечниот период на проектот треба да превезе повеќе од 3.000 палети и целосно да ја преземе доставата на суви производи на конкретната релација.
Иако станува збор за реална секојдневна работа, камионот се движи во точно дефиниран оперативен простор. Четвртото ниво на автономија не значи дека може самостојно да вози на секој пат и во сите услови, туку дека не бара човечка интервенција во рамките на однапред одобреното подрачје и сценарио.
Доколку првата фаза биде успешна, Lidl и Einride планираат проширување на системот во модел со повеќе попатни станици. Германскиот синџир располага со 39 дистрибутивни центри и повеќе од 3.250 продавници во земјата, што остава простор за поширока примена.
Технологијата се претставува како одговор на недостигот од професионални возачи, високите трошоци и потребата за поефикасна логистика. Сепак, проширувањето ќе зависи од резултатите на проектот, регулативата, безбедноста и можноста системот сигурно да работи во посложени сообраќајни услови.
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber https://abit.ly/24auto-viber
❗❗ Со еден клик до сите вести. ❗❗









