VW објави раст од 109 отсто на целосно електричните возила

ОБЈАВЕНО НА:

Volkswagen Group објави дека и покрај сериозните проблеми со снабдувањето со електронски компоненти, што е факт во целиот свет, автомобилскиот гигант успеа да постави нов рекорд во однос на продажбата во третиот квартал од 2021 година на целосно електрични автомобили (BEV). Податоците на групацијата покажуваат продажба на 122.100 автомобили со 100% електричен погон, што е за 109% повеќе отколку во истиот период од 2020 година.

„Нашата глобална електрична офанзива продолжува со полна сила: ние сме јасно број 1 во целосно електрични автомобили во Европа и втори во САД“, изјави Кристијан Далхајм, директор за глобална продажба. „Во Кина, нагло пораснавме во третиот квартал, при што испораките на BEV беа скоро 60% повисоки од целата прва половина од годината.

Најпродаваните 100% електрични автомобили на Volkswagen Group за првите девет месеци од 2021 година се Volkswagen ID.4 (72.700 единици), Volkswagen ID.3 (52.700), Audi e-tron (36.100), Porsche Taycan (28 600 ) и SKODA Enyaq iV (28.200).

Севкупно, во првите 9 месеци од годината, целосно електричните автомобили доставени од VW групацијата достигнаа ниво од 293.100 единици, што е за 138% повеќе отколку во истиот период од 2020 година. Вкупно 209.800 од електричните возила на групата се продадени во Европа, 47.200 во Кина и 27.300 во САД.

Главното учество во 100% електричните автомобили продадени од групацијата VW беа претставници на марката VW – 167.800 единици, потоа Audi со 52.800, Skoda со 32.100, Porsche со 28.600 и Seat со 8.800.

VW групацијата објави и за значително зголемување на продажбата на хибриди со наплата (PHEV) – + 133% до ниво од 246.000 единици.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK