Електрификацијата во Европа зема голем замав, а засега најмногу од тоа профитира Tesla. Американската компанија и нејзиниот Model 3 станаа најпродавано возило во Европа во септември. Целосно електричниот модел бил испорачан до 24.591 нов сопственик покажуваат податоците на агенцијата JATO Dynamics за изминатиот месец.
Според истиот извор вкупниот пазар на нови автомобили е намален за 25% на ниво од 964.800 единици во однос на септември 2020 година и за 24% во однос на 2019 година.
Во ТОП 10-те најпродавани нови автомобили во Европа во септември 2021 година се и:
Renault Clio (18.264 единици),
Dacia Sandero (17.988),
Volkswagen Golf (17.507),
Fiat 500 (16.349),
Opel / Vauxhall Corsa (15.502),
Peugeot 2008 (14.931),
Hyundai Tucson (14.088),
Peugeot 208 (13.895)
Renault Captur (13.715).
Сепак, историското достигнување на Tesla Model 3 во Европа е уште еден врв во понудата на американскиот бренд, а доказ за тоа е фактот што во август годинава моделот беше далеку од ТОП-10 најпродавани, а неговиот вкупен резултат за месецот беше само 7824 единици.
Податоците на JATO Dynamics, исто така, покажуваат дека најпродаваната понуда во хибридниот сегмент PHEV во септември продолжува да биде Ford Kuga (3.385 единици, + 59%), а потоа следат електрифицираните верзии на BMW Серија 3 (3.200 ), Peugeot 3008 (2.832), BMW X5 (2.644) и Hyundai Tucson (2.620).
Кај целосно електричните автомобили, на европскиот пазар моментално доминира Tesla Model 3, а ТОП-5 ги вклучува Tesla Model Y (8926), Volkswagen ID.3 (8302), Renault ZOE (6580) и SKODA Enyaq (5942).