Возилото Dacia Duster вчера вечер во винаријата Камник и официјално се закити со блескавата статуетка Автомобил на годината. Наградата годинава се доделува по 23 пат, а на свеченото доделување присуствуваа бројни гости, пријатели на импортерот Renault, како и љубители на автомобилите.
За првпат годинава Националното жири го додели и признанието „Томислав Биљарац“ во чест на основачот и првиот претседател на жирито, и тоа за посебен придонес и резултати во автомобилската индустрија, а добитникот е Владимир Воиновски од Еуроимпекс.
Претседателот на Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија, Горан Антевски ги додели наградата и признанието на претставникот од Renault, менаџерот за продажба на групацијата Renault за регионот Адриатик, Жељко Барбариќ, како и на Владимир Воиновски од Еуроимпекс.
„ Националното жири се раководеше од шесте критериуми: адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн и комфор и опременост. Секогаш е тешко да се одбере најдобриот во сегментот на пазарот што постојано расте, но моделот Dacia Duster не е само уште едно СУВ возило. Тоа е автомобил што сигурно ќе ги задоволи личните, семејните па дури и бизнис потребите. Dacia Duster се издвои според критериуми што се особено важни за македонскиот пазар, како што се адекватност и понуда на домашниот пазар, каде Dacia Duster ја направи решавачката предност“, изјави Антевски.
При преземање на наградата Барбариќ изјави:
“За Renault групацијата 2017 – та година беше исклучително важна. Алијансата со NISSAN се покажа како неверојатно успешна приказна која го осигури местото број 1 на светско ниво. Исто така групацијата оствари 4 рекорди по број на продадени возила, вкупни приходи, нето добивки и оперативна маржа. Со модели како што е новиот Dacia Duster и вакви партнери во Македонија како Аутомотив Груп сигурен сум дека пред нас се нови рекорди.“
Наградата Автомобил на годината се доделува веќе 23 години, и е една од најстарите манифестации во Македонија, а годинава изборот се направи од 10 возила што влегоа во финалето, а ги исполнија критериумите за избор.