Во 50-те години на минатиот век во Куба се водела граѓанска војна. Кубанската влада предводена од Батиста со поддршка на САД од едната страна и движењето 26 јули предводено од Фидел Кастро од другата страна. Кубанската револуција траела од 26 јули 1953 година се до 1 јануари 1959 година кога Фидел Кастро доаѓа на власт.
Во меѓувреме, 50-те години се години кога САД инвестира милијарди долари во Куба, па така оваа земја станува монденско место во Централна Америка со бројни луксузни хотели и казина. Тоа го привлекуваше тогашниот светски џетсет па во овој период тука се возеа неколку трки од Формула 1 шампионатот.
Кастро кој бил поддржан од неговиот брат Раул, Че Гевара, Абел Сантамариа, Камило Сиенфуегос, Хубер Матос и многу други соборци, често изведувале герилски акции. Една таква била и киднапирањето на тогаш најдобриот Формула 1 возач, Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо. Целта била да се насочи светската јавност кон случувањата во Куба кои западните медиуми, предводени од САД сакале да ги маргинализираат.
“Со лифт се спуштив во лобито на хотелот. Бев во друштво со пријатели кога до мене пристапи човек во кожна јакна. Полека го извлече пиштолот и рече да тргнам со него. Најпрво помислив дека е шала, но за брзо сфатив дека пиштолот е вистински” кажал Фанџо откако бил ослободен.
Тој бил одведен во околните планини, а револуционерите немале никаква намера да го повредат. Тоа го изјавил самиот возач кој додал дека револуционерите веднаш ја контактирале аргентинската амбасада во Хавана. Според кажувањата Кастро не сакал да го ослободи никаде на друго место освен пред амбасадата бидејќи се плашел дека Батиста сакал да го убие Фанџо и убиството да го препише на Кастро. Фанџо бил ослободен 29 часа подоцна. Бил оставен во близина на амбасадата на Аргентина.
Откако Кастро ја презел власта, испратил писмо до Фанџо кого го поканил да ја посети кубанската престолнина. Тој секако го одбил. Меѓутоа, во 1981 година Аргентинецот како дилер на Mercedes-Benz ја посетил Куба каде се сретнал со Кастро и неговите киднапери.