На саемот за автомобили во Женева во 2010 година премиерно беше претставен концептот Alfa Romeo Pandion. Се работи за концепт развиен од страна на Stile Bertone, а главен дизајнер беше Мајк Робинсон. Овој купе автомобил имаше за цел да го одбележи јубилејот од 100 години постоење на италијанскиот бренд.
Концептниот автомобил е со должина од 4.620 мм, ширина од 1.942 мм, висина од 1.284 мм и меѓуоскино растојание од 2.650 мм. Вкупната тежина изнесува 1.258 килограми.
Во однос на перформансите, според тогашните информации кои ги објави Bertone, овој автомобил располага со 4,7 литарски V8 мотор кој продуцира 444 КС. Благодарение на истиот, постигнува максимална брзина од 320 км/ч, додека пак забрзувањето до стотка изнесува 3,9 секунди.
Поради својот вонвременски футуристичен дизајн, овој автомобил предизвика огромен интерес на штандот на Bertone, каде што и беше претставен. Сепак, во ниту еден момент не се најде во плановите на Alfa Romeo за сериско производство, а дали воопшто ќе се најде останува времето да покаже.