Mercedes-Benz постигна спогодба вредна 149,6 милиони долари со американските сојузни држави, со што се затвора долгогодишната истрага поврзана со наводно манипулирање со емисиите на дизел моторите. Информацијата ја потврди Летитија Џејмс, главната државна обвинителка на Њујорк.
Со договорот, кој опфаќа 48 американски држави, Порторико и Дистриктот Колумбија, германскиот производител се согласува да ја плати глобата и да обезбеди финансиска компензација од 2.000 долари за сопствениците и корисниците на возила кои ги исполнуваат условите и чии автомобили ги добиле потребните поправки на системите за емисии.
Според властите, Mercedes во дизел возилата инсталирал недеклариран и нелегален софтвер кој ги прикривал вистинските нивоа на загадување за време на официјалните тестирања. Во реални услови на возење, возилата емитувале дури 30 до 40 пати повеќе штетни гасови од дозволените законски граници.
Спогодбата се однесува на околу 39.565 возила во САД кои до август 2023 година не биле соодветно поправени или трајно повлечени од сообраќај. Mercedes се обврзува да ги покрие трошоците за вградување на одобрен софтвер за модификација на емисиите, да обезбеди продолжена гаранција за засегнатите возила и да исплати по 2.000 долари по автомобил.
Од компанијата соопштија дека договорот нема да има негативно влијание врз нето-добивката на групацијата и дека веќе се обезбедени доволни средства за покривање на сите трошоци поврзани со нагодбата. Конечната примена на договорот, сепак, останува предмет на судско одобрување.
Оваа спогодба доаѓа по претходниот договор од 2020 година, кога Mercedes-Benz прифати да плати 2,2 милијарди долари за решавање на истраги на американската влада и побарувања од околу 250.000 сопственици на возила во САД, поврзани со дизел емисиите.









