Ако планирате да патувате со автомобил во Софија, бидете внимателни – од 1 декември 2025 година бугарската престолнина воведува строга забрана за влез на постари автомобили во центарот на градот. Новите правила, кои се дел од програмата за нискоемисиони зони, ќе важат за бензинските автомобили произведени пред 1998 година и за дизел возилата произведени пред 2007 година.
Мерката ќе важи во зимскиот период – од 1 декември 2025 до 28 февруари 2026 година, кога загадувањето е највисоко. Забраната се однесува на таканаречениот „мал ринг“, кој го опфаќа најцентралниот дел на градот меѓу булеварите „Оплченска“, „Васил Левски“, „Скобелев“ и „Патриарх Евтимий“.
Тоа значи дека доколку патувате во Софија со постар автомобил – било македонска, било бугарска регистрација – нема да можете да се движите низ центарот без ризик од казна. Контролата ќе се врши преку автоматски камери кои ги следат сите возила што влегуваат во зоната, а системот автоматски ги препознава според годината на производство и еколошката категорија.
Покрај оваа зона, забрана ќе има и во поширокиот центар на градот – вториот ринг – каде што возилата од прва еко-група (најстарите) исто така нема да смеат да влегуваат. Иако има исклучоци за локални жители и лица со инвалидитет, за останатите возачи казните ќе бидат строги, а камерите нема да можат да се избегнат.
Мерката е дел од стратегијата на Софија за намалување на загадувањето, кое во зимските месеци често го надминува европскиот просек. Градските власти веќе бележат подобрување на квалитетот на воздухот од претходната година кога ваквата зона делумно беше воведена.
За македонските возачи ова значи дека при патување во Софија, особено во зимскиот период, треба да внимавате со кој автомобил тргнувате – старите возила може да мораат да останат надвор од центарот. Ако вашиот автомобил е постар од две децении, подобро е да се паркирате надвор од забранетата зона или да користите јавен превоз.
Ова е само прв чекор – од 2027 година ограничувањата ќе станат уште построги и ќе опфатат уште поголем дел од градот. Софија, како и многу европски метрополи, целосно преминува кон политика на „чист транспорт“, и тоа веќе директно ги засега и сите што патуваат од Македонија кон Бугарија со постари возила.









