Кинеските автомобилски производители сè поагресивно навлегуваат на европскиот пазар, а BYD веќе го прави својот најголем продор во Германија – на домашниот терен на Opel во Риселсхајм.
Според германскиот Automobilwoche, брзиот раст на BYD го водат двајца поранешни менаџери на Stellantis – Марија Грација Давино, регионална директорка за Европа, и Ларс Бијалковски, директор за Германија.
Иако е вообичаено менаџери да ги менуваат компаниите, веста предизвика немир во Риселсхајм. Неколку поранешни Stellantis дилери веќе потпишале договори за продажба на BYD автомобили, што според извештаите „предизвикува лутина“ во Opel.
Давино за Automobilwoche изјави дека ниту таа ниту Бијалковски не контактирале со поранешните партнери – тие сами се обратиле, „затоа што го гледаат потенцијалот на BYD“. Бијалковски додаде дека за дилерите ова е „природен потег“, бидејќи брендот нуди големи можности за раст – а тоа значи и повеќе профит.
Иако BYD до август има продадено помалку од 8.600 возила во Германија, мрежата на продажни локации расте со невидено темпо. До неодамна имале само 26 дилери, а сега бројот е над 50.
Целта е амбициозна:
до крајот на 2024 → 120 дилери
до крајот на 2026 → најмалку 200 дилери низ цела Германија
Бијалковски објаснува дека тоа е „минимумот“ потребен за да се освои значаен пазарен удел.
Некои дилери предупредуваат дека BYD „расте пребрзо“ и дека мрежата може да стане тешко одржлива. Дополнително, Automobilwoche напоменува дека само 12% од регистрираните возила се од приватни купувачи – повеќето се нарачки од компании за изнајмување и корпоративни флоти.
И покрај тоа, Давино вели дека „побарувачката е многу поголема од тоа што можеме да испорачаме“, а Бијалковски додава дека целта е што побрзо да се стигне до 50.000 продадени возила во Германија.
Оваа стратегија покажува дека BYD има сериозна намера да стане клучен играч на германскиот пазар и да се наметне како главен конкурент на локалните и европските производители.









