Porsche се подготвува за следната фаза од еволуцијата на својата икона – новиот 911 Turbo S, кој официјално ќе биде првиот хибриден Turbo S во историјата на моделот. Оваа информација ја потврди извршниот директор Оливер Блуме за време на презентацијата на полугодишните финансиски резултати на брендот, додавајќи дека Turbo S ќе биде претставен до крајот на 2025 година. Покрај него, се очекува и стандардна Turbo верзија, без ознаката „S“.
Хибридизацијата на 911 Turbo S не е изненадување – уште во октомври 2024 година, поранешниот CFO на Porsche, Лутц Мешке, откри дека новата верзија ќе користи хибриден погонски систем со батерии од Varta, преку фирмата V4Drive GmbH, која Porsche ја презеде минатата година.
Технологијата веќе се користи во новиот 911 GTS, каде 1,9 kWh батерии се дел од системот T-Hybrid, а се произведуваат во германските фабрики Елванген и Нердлинген. До крајот на годината, Porsche ќе го зголеми бројот на вработени таму на 375, како дел од подготовките за производството на новите хибридни 911 модели.
Новиот Turbo S ќе биде уште помоќен од актуелниот 992.1, кој веќе испорачува 640 коњски сили од 3.8-литарскиот twin-turbo боксер мотор. Сепак, додавањето хибридна технологија ќе донесе и зголемена тежина, што Porsche ќе треба да го компензира со напредни инженерски решенија.
Според Блуме, се работи на „нови деривати“ кои ќе бидат „уште побрзи“ од актуелната генерација, што сугерира дека хибридниот Turbo S нема само да биде поефикасен, туку и побрз.
Покрај новиот 911, Porsche работи и на електрични наследници на 718 Cayman и Boxster, чие производство во сегашна форма ќе заврши во октомври 2025. Новите електрични спортски автомобили ќе пристигнат по премиерата на електричниот Cayenne, кој ќе се појави во салоните во 2026.









