Актуелниот македонски првак во Twingo Cup, Марко Блажевски покажа дека ова треба да биде „негова сезона“ откако на квалификациите на Хунгароринг постигна второ најдобро време во конкуренција на 25 возачи. Тој е меѓу најсериозните кандидати за подиум на втората трка сезонава во Euro Twingo Cup што викендов се вози во Унгарија.
Првата трка се закажана денеска за 17,10 ч. а Блажевски ќе стартува веднаш зад Словенецот Лука Грм кој беше најбрз во квалификациите. Во Топ-10 во квалификациите се најде и Владимир Треневски кој имаше 9-то најбрзо време на Хунгароринг. Тој лани беше најдобро пласиран Македонец на првата трка од Twingo Cup во Унгарија.
На 4.381 м. долгата патека Хунгароринг ќе се возат 25 минути, а утре е планирано да се вози и втора трка.
Иако настапи на првата трка во Италија на почетокот на април, во иднина Зоран Мираковски повеќе нема да биде дел од Twingo Cup. Тој реши да се повлече и го продаде возилото со кое претходните три сезони настапуваше. Лани беше третопласиран во генерален пласман за првенството на Македонија, и еден од тројцата возачи што имаа освоени 100 или повеќе бодови.
Бојан Петрушевски кој беше третопласиран во генерален пласман на Euro Twingo Cup на првата трка на Монца, сега во квалификациите го зазема 17 место, а дебитантот сезонава Бранко Рафајловски две места подолу во класификацијата.
Мурис Хамзиќ освои 20. место, пред Слободан Трајковски кој беше на 22 место и Борис Стојменов како 25.
Трката во Унгарија се борува за ESET Euro Twingo Cup, za CEZ и за првенствата на Словенија и на Македонија. Во генерален пласман во првенството на Македонија лидер е Марко Блажевски со 32 бода, два повеќе од Бојан Петрушевски и Владимир Треневски кои се на делба на второто место.
- РЕЗУЛТАТИ од квалификациите – Kvalifikacii