Христијан Бузалковски го претстави новиот мотор со кој ќе се трка во 2023

ОБЈАВЕНО НА:

Трикратниот БМУ шампион, Христијан Бузалковски го промовираше новиот мотор и ја најави новата сезона. Тој во новата сезона ќе се натпреварува во класата до 1000 см3, што за него и неговиот тим „71 Team“ ќе биде ново и поразлично искуство од досегашните натпреварувања.

Новиот мотор располага со 200 КС и правен е по спецификацијата Superstock 1000, што значи дека има промена во електрониката, суспензијата, предната кочница и преносот. Бузалковски во новата сезона ќе биде дел од FIM Europe шампионатот во класата Superstock 1000, БМУ Европскиот шампионат и Алпе Адриа интернационалниот шампионат. Од мај до септември го очекуваат 24 трки, густ распоред и многу патувања низ земјите на Источна и Централна Европа.

„Оваа сезона ќе настапиме во една класа погоре, до 1000 кубни сантиметри, ова ќе ни биде прва сезона во новата категорија, така да ќе има многу промени во моторот на кои ќе треба да се адаптираме. Потребно ќе ни биде време за адаптација на новитетите во моторот, но со големиот број на трки во сезоната верувам дека за кратко време ќе се адаптираме. Сакам да најавам дека во секоја трка ќе го дадам максимумот, заедно со мојот тим и ќе се потрудиме да се претставиме во што подобро светло“- изјави Христијан Бузалковски.

 

Досега освоените титули на Бузалковски се во пониските класи од БМУ Европскиот шампионат. Првата ја освои во категоријата до 125 см3, додека следните две титули кои ги освои по ред се во класата до 600 см3. Решително, храбро и со многу ентузијазам и во оваа нова 6та сезона, а и во годините што доаѓаат Христијан Бузалковски ќе ги брани боите на Македонија. Нашата земја заслужува да има шампион во брзински мотоциклизам кој ќе ја претставува на европските и светски патеки.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK