Тимот на PSS Racing конечно се израдува на првата победа во TCR Europe откако Франко Џиролами триумфираше на Монца во неверојатно возбудлив финиш. Ова беше прв триумф за Аргентинецот и за македонскиот тим. Виктор Давидовски беше во Топ-10 на трката со освојување на 9. место и нови бодови.
Џиролами тргна одлично од самиот почеток, како носител на пол позицијата, а и Давидовски имаше добра старт па од 16 место скокна брзо на 12 место. До последните два круга Џиролами имаше сигурно водство, иако Микел Аскона полека ги минуваше своите ривали за да стигне на второто место.
Откако во еден свиок Џиролами влезе доста пшироко и за момент излета од патеката, тоа беше повод Аскона да му дојде зад возилото и во последниот круг да возат еден покрај друг, да има и контакт но возачот на PSS Racing не попушти, одлично возеше и на целта стигна како првопласиран за голема радост во боксот на PSS Racing.
Во генерален пласман Џиролами дојде на 26 бода зад Аскона кој е лидер, на три трки до крај на шампионатот. Аскона има 355 бода, а Џиролами 329 бода. Меѓу нив двајца ќе се решава кој ќе биде шампион сезонава.
Виктор Давидовски со новите бодови се зацврсти на 16 место и има 88 бода, и на оваа трка беше најдобра во Дајмонд Купот.
Следната трка се вози утре во 13,30 часот.