Голема трагедија се случија на денешните квалификации за третата трка од календарот на кружни патеки од Твинго купот во Кичево. На крајот од првиот дел од квалификациите почина еден од автомобилистите кои се бореа за подобра стартна позиција.
Александар Кочевски (58 години) додека бил зад воланот имал срцев удар со смртни последици. Присутните лекари веднаш се обиделе да го реанимираат несреќниот возач кој откако ја загубил контролата врз автомобилот бавно завршил во зелениот простор околу патеката.
„Нашата екипа и судиите, заедно со медицинскиот тим, веднаш пристигнаа на лице место, Кочевски беше итно префрлен во Ургентниот центар во Кичево, каде по долга борба на целокупниот медицински персонал за негово реанимирање, беше констатирана неговата смрт. Во овие тешки времиња за неговите најблиски, изразуваме сочувство на семејството и пријателите на починатиот Кочевски. Како клуб ги преземавме сите стандарни мерки за организација на една трка, а местото, односно правецот по свиокот три, а пред свиокот четири на патеката во Кичево, не е место на кое може да се случи возачка грешка или организациски пропуст, кој би довел до ваков или сличен немил настан. Колегите од ‘Твинго Куп’ нема да ја возат закажаната трка, но утрешните трки во другите конкуренции ќе се одржат, а следните трки што ќе се одржат во нашата конкуренција, ќе бидат насловени ‘Ин Мемориам – Александар Кочевски’ во чест на нашиот драг колега“, се вели во соопштението на АКК Кастм Кар Рејсинг и Рено Спорт кои беа во улога на организатори на трката.