По Geely кои пред неколку месеци се обиде да купи дел од акциите на Daimler, уште една компанија сега “загризува” за големиот германски производител. Станува збор за кинеската групација BAIC која изрази заинтересираност и желба за купување на акции од овој германски производител.
Според пишувањата на Ројтерс, раководните лица на BAIC испратиле писмо со намера за купување на акциите, а целта е да се купи 5% (барем засега) од вкупниот број на акции. За таа цел оваа кинеска групација побарала и од Владата на Кина да го поддржи купувањето на акции, а се шпекулира дека оваа групација добила поддршка и има купено мал број на акции.
Сепак за да го реализира планот, BAIC ќе мора да одвои нешто повеќе 3 милијарди долари, колку што е и вкупната пазарна цена на 5% од акциите на Daimler.
Засега нема информации дали од Daimler се сложиле за продажба или BAIC ќе стане уште една во низата кинески компании со неуспешно реализирана мисија.