Најголемиот германски производител на автомобили Volkswagen преку официјално соопштение објавено од прес службите на компанијата се пофалија за невообичаениот јубилеј – 30 милиони автомобили продадени во Кина.
До овој број германскиот производител стигна годинава, а јубилејниот автомобил беше новиот Volkswagen Touareg. Патот на VW до оваа бројка започна во 1985 година кога за прв пат овој производител настапи на пазарот во Кина. Таа година VW испорача околу 2 илјади автомобили. Во наредните 20тина години пазарот во Кина бележеше тренд на пораст, но последните 10 години овој пазар прерасна во најголем национален пазар во светот.
Инаку минатата календарска година, VW забележа рекордна годишна продажба од неверојатни 3.139.120 автомобили со што имаше пазарно учество 12.95%. Само за споредба, 10 години претходно, во 2007 година овој производител продаде 826.889 автомобили.
Плановите за овој пазар на VW се доста амбициозни. За исполнување на нив веќе најави пет нови модели кои ќе се појават следната година, а крајната цел е заземање на лидерската позиција на овој пазар.