Најголемиот производител на хибридни автомобили, Toyota ќе мора да повлече околу 1 милион хибридни автомобили поради технички проблеми.
Како што соопштуваат од јапонскиот производител, причината за повлекувањето на околу 1 милион возила ширум светот е проблем со електрични жици кои би можела да предизвика пожар во возилата. Според првичните бројки, ќе бидат повлечени 1,03 милион автомобили од моделите Prius, Prius PHEV и C-HR произведени во период помеѓу јуни 2015 и мај 2018 година.
“Постои можност за краток спој на електричните жици и создавање на висока температура при нивното истрошување поврзано со вибрациите во возењето” стоеше меѓудругото во соопштението на Toyota. Во соопштението производителот наведува дека во краен случај овој спој може да доведе до појава на пожар во возилото.
Иако досега нема пријавено случај на опожарување на возило поради оваа техничка неисправност, од Toyota најавија дека само од Јапонија превентивно ќе бидат повлечени 554 илјади автомобили додека по околу 220 илјади ќе бидат повлечени од Европа и Северна Америка.