Во следните седум години во BMW планираат да произведат 25 сериски електрични модели. Ваквиот план беше соопштен на годишната конференција на концернот BMW Group во Минхен каде што беше презентиран планот за работа до 2025 година.
Веќе е јасно и дека 12 од планираните 25 модели ќе бидат целосно електрични. Електромобилите ќе имаат можност да поминуваат околу 700 километри, а хибридите при користењето на електричниот дел ќе можат да поминат до 100 километри.
Во плановите на брендот од Германија за 2018 година е да реализира околу 140 илјади електрични автомобили низ целиот свет, додека за крајот на следната година плановите се BMW да има минимум 1,5 милиони хибриди и електромобили.
Уште во текот на оваа година германската компанија ќе почне со сериско производство на хибридниот родстер i8, а истиот беше претставен на саемот во Лос Анџелес. Во составот влегуваат 1,5 литарски трицилиндричен мотор со моќност од 231 коњска сила и електромотор со 143 коња. Агрегатите ќе му овозможуваат на спортското ековозило да забрзува од место до 100 км/ч за 4,4 секунди со максимална брзина ограничена до 250 км на час.