Volkswagen размислува да го префрли производството на автомобили надвор од Германија доколку сегашните проблеми со снабдувањето со природен гас останат и во 2023 година.
Ова е еден план од неколкуте што се дискутираат во Волфсбург и потенцијално може да резултира со префрлување на производството на неколку моделски линии на Volkswagen од неговите германски и источноевропски фабрики во други фабрики на VW Group во Белгија, Португалија и Шпанија, пишува Bloomberg.
Како и многу северноевропски производствени фирми, VW страда од одлуката на Русија да го ограничи извозот на гас. Русија е примарен извор на гас во Германија и неодамна го прекина гасоводот Северен тек 1.
„Како среднорочни алтернативи, ние се фокусираме на поголема локализација, преместување на производниот капацитет или технички алтернативи, слично на она што е веќе вообичаена практика во контекст на предизвиците поврзани со недостигот на полупроводници и други неодамнешни нарушувања на синџирот на снабдување“, се вели во изјавата на Volkswagen.
Производителот на автомобили тврди дека можеби ќе може да го одржи производството во следните шест месеци ако Германија продолжи да ги полни своите резерви на гас, кои се полни близу 90 отсто, но тој број може драстично да падне во текот на зимата. VW веќе вети дека ќе ја намали потрошувачката на гас за најмалку 20 проценти, цел што ја постави германската влада.