TCR Europe: Давидовски во Топ-5 во Португалија

ОБЈАВЕНО НА:

Виктор Давидовски освои 24 бодови после првата трка од TCR Europe викендот во Португалија. По првата трка Давидовски е на 5. место на табелата во генерален пласман со вкупно 28 бода. Од нив 4 освои во квалификациите, а 24 на трката бидејќи заврши како петтопласиран во конкуренција на возачите од TCR Europe.

На оваа трка по Португалија, заедно возат и возачите од TCR World Tour. Иако ќе возат заедно, сепак бодувањето ќе биде посебно врз основа на постигнатите резултати. Давидовски беше на 13. место на трката во конкуренција на 21 возач. Пред него беа само Филипи, Паувелс, Коронел и Борковиќ кои се тркаат за бодови во TCR Europe.

Филипи беше на 9 место, потоа следуваа другите тројца ривали кои се дел од првенството на TCR Europe.

Другите возачи се дел од TCR World Tour и во текот на годината собираат бодови на различни трки, и на крај од сезоната најдобрите ќе возат на завршните трки – нешто налик на тенискиот АТП турнир на крајот од секоја година.

Виктор беше константен во Португалија, иако тргна од 13 место. Успеа на самиот почеток да дојде и две места погоре, но тоа беше границата бидејќи пред себе имаше подобро подготвени возила. Падна за момент и на 14 место, но потоа се зацврсти на 13 и таму остана до крај на трката.

Во TCR Europe важни се бодовите од секоја трка, бидејќи Давидовски како дел од Comtoyou Racing тимот се борат и за бодови со кои треба да се одбрани тимската титула лани. Давидовски беше прв во конкуренција на Diamond Trophy, a тимот ги освои и возачката титула и трофејот за најдобар дебитант.

Победник во Португалија беше Унгарецот Норберт Микелиз, пред Микел Аскона и Роберт Хаф.

Следната трка се вози утре во 12,30 часот.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK