Седум големи производители на автомобили најавија дека ќе формираат нова компанија која ќе обезбеди полнење за електрични возила во САД и така ќе станат голем конкурент на Tesla.
Седумчлената група ги вклучува General Motors, Stellantis, Hyundai, Kia, Honda, BMW и Mercedes Benz, кои заедно имаат околу половина од продажбата на возила во САД, но имаат мал дел од пазарот на електрични возила, од кои Tesla е неприкосновен лидер. Нивната цел е да изградат мрежа од 30.000 полначи во Северна Америка.
Некои адвокати проценуваат дека невообичаената коалиција на конкурентски компании може да ги прекрши правилата за монопол.
Производителите на автомобили не прецизираа колку ќе инвестираат поединечно или колективно, но рекоа дека ќе бидат отворени за дополнителни инвестиции или учество од други компании, вклучително и оние надвор од автомобилската индустрија.
Аналитичарите оценуваат дека инвестицијата ќе биде значително помала преку најавеното партнерство отколку изградбата на индивидуални мрежи за полнење. Се проценува дека уредите за брзо полнење може да чинат од 100.000 до 200.000 долари по парче, што е вкупно 3 до 6 милијарди за опремување на мрежа со 30.000 станици.
Tesla чии возила сочинуваа повеќе од 60 отсто од продажбата на електрични возила во САД минатата година, ја има најголемата мрежа на брзи полначи во земјата, со околу 18.000. Сегашната американска администрација си постави цел да достигне 500.000 полначи до 2030 година.
Претходно оваа година, Tesla најави нови инвестиции во мрежи за полнење електрични возила на други производители за да стекне право за удел од 7,5 милијарди долари од федерални субвенции. GM, Mercedes и други компании потпишаа договор за прифаќање на технологијата за полнење што ја развива Tesla.